Акцијата „Планина“ пробиена: Наркобосовите во бегство, местата расчистени – Русковска тврди дека сепак има цврсти докази
Засега нема сознанија како излегла информација за акцијата да биде пробиена, но Русковска уверува дека ако има вмешаност на полицајци или вработени во други институции, тие ќе бидат изведени пред лицето на правдата
И покрај тоа што не се пронајдени значителни количини дрога, шефицата на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција тврди дека има цврсти докази. Вели дека уште на почетокот знаеле дека нема да пронајдат доволно докази и дрога, па затоа за секој припадник на групите поединечно собирале докази
Две групи, една од село Грчец и друга од населбата Гази Баба, кои се занимавале со трговија со дрога, најчесто кокаин, се опфатени во акцијата со кодно име „Планина“. Меѓутоа, акцијата била пробиена, пред сè од страна на групата од Грчец, па шест наркобоса се во бегство, а местата каде што ја чувале дрогата биле расчистени и при претресите не се пронајдени значителни количини, ги нема ниту луксузните автомобили што ги користеле наркобосовите од Грчец. Од некои се пронајдени само клучевите, од други ниту тоа.
Овие информации денеска ги соопшти шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска откако вчера имаше апсења во рамки на акцијата и претреси на 26 локации во Грчец и 9 во Гази Баба.
„Од двете групи се одземени повеќе од 80 000 евра, повеќе од 300 000 денари, 500 франци. Што се однесува до пронајдената наркотична дрога, сè уште не се изготвени вештачењата, но она што можам да го кажам е дека се пронајдени околу 5 килограми марихуана и помеѓу 600-700 грама кокаин. Сакам да потенцирам дека најголемиот број од парите и запленетата дрога се најдени при претреси извршени во Гази Баба, додека многу малку е пронајдено и одземено во Грчец (околу 100 грама кокаин) затоа што според ПИ-мерките кои завршуваат денеска, а се однесуваат на овие 6 лица по кои се трага, имаме сознанија дека акцијата е пробиена. Имавме сознанија каде се чува дрогата, но сѐ беше исчистено и припадниците на полицијата и инспекторите не успеаја да пронајдат поголема количина“,
Таа вели дека засега немаат сознанија кој ги дал информациите за акцијата да биде пробиена, но најавува дека од одземените електронски уреди ќе се види дали има поврзаност на групите со припадници на МВР или други институции. А, уверува, ако е така, тогаш ќе бидат изнесени пред лицето на правдата.
Од 6 лица што се во бегство, петмина се од групата од Грчец, а еден од таа од Гази Баба.
Кога станува збор за уапсените, од групата во Грчец се приведени 13 лица, од кои на 9 им е определена мерка притвор, на 3 куќен притвор, а на 1 мерка на претпазливост. Во шемата учествувал и еден малолетник, но за него ќе се води посебна постапка по законот за деца кои се во судир со законот. Од групата во Гази Баба, пак, уапсени се 8 лица и сите се наоѓаат во притвор.
„За жал, фатени се само продавачите, но Обвинителството располага со доволно докази и за наркобосовите и се надевам дека за кратко време ќе бидат фатени и изведени пред лицето на правдата. Ние за наркобосовите имаме доволно докази, не можат да направат ништо за да ги уништат. А дали ќе собереме доволно докази за вмешаност на полицајци или вработени во други институции, ќе видиме“,
И покрај тоа што не се пронајдени значителни количини дрога, шефицата на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција тврди дека има цврсти докази. Вели дека уште на почетокот знаеле дека нема да пронајдат доволно докази и дрога, па затоа за секој припадник на групите поединечно собирале докази. Предметот Русковска го почнала пред една година заедно со уште двајца обвинители и истражители од нејзиното обвинителство.
„Уште на почетокот бевме свесни дека за секој од членовите на овие криминални групи мора да собираме поединечно докази, затоа што тие дрогата што ја продаваа ја чуваат на безбедни места далеку од домовите и оти постои мала веројатност дека при спроведување акција за нивно лишување од слобода ќе се најдат големи количини наркотична дрога. Затоа се побараа ПИ-мерка за следење на комуникациите и ПИ-мерка тајно следење и снимање“,
Така, кога од прислушуваните разговори ќе се добиеле сознанија дека ќе се врши продажба на дрога, истражители се координирале, службите за следење ја документирале продажбата, а потоа интервентната полиција ги запирала купувачите и им ја одземала дрогата.
„Доколку лицата ја купуваа за лична употреба, таа се одземаше и се даваше на вештачење, а ако ја купуваа за понатамошна препродажба, одеа кривични пријави по основните обвинителства, најчесто во ОЈО Скопје. Така, цела година собиравме докази за сите членови на овие групи“,
Иако за двете групи беше спроведена една акција под кодно име „Планина“, истрагата понатаму ќе се води во два различни предмети бидејќи засега нема докази за поврзаност на двете групи.