ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Ако до 22 јануари не се усогласи акцизата за екстралесното гориво, пак ќе почнат манипулациите

Уредбата за изедначување на акцизата на екстра лесното гориво со таа на дизелот истекува на 22 јануари, до кога пратениците имаат време да извршат усогласувања и во Законот за акцизи. А предвидените измени во законот Владата во Собранието ги испратила дури вчера. Ако тоа не биде сторено до 22 јануари повторно се остава простор за злоупотреби со екстра лесното гориво.

Уредбата истекува седум месеци по завршувањето на вонредната состојба. На владина седница на 4 јануари овие измени се усвоени, а дури вчера стигнаа во Собранието. На веќе закажаните седници, од кои последната е на 18 јануари, не се ставени на дневен ред.

Од Собранието велат дека откако вчера стигнале предложените измени на законот, следува задолжителната процедура – проверка, превод и дистрибуција до пратениците, по што измените би се ставиле и на дневен ред.

Од Министерството за финансии велат дека и покрај кратките рокови законските измени ќе бидат донесени пред истекот на важноста на Уредбата која го регулира ова прашање.

Од Регулаторната комисија за енергетика, од каде и претходно алармираа на злоупотребите со екстра лесното гориво и го поддржуваа носењето на уредбата, сега велат дека доколку не се донесе законот навреме, можноста за злоупотреби постои, но очекуваат дека такво нешто нема да се случи. Ако тоа не се случи, тогаш ќе мора да се применуваат одредбите од постоечкиот Закон за акцизи, за кои сите се согласија дека беа добра подлога за бројни манипулации со цените на екстра лесното и дизел горивото.

За Регулаторната комисија за енергетика изедначувањето на акцизата е вистински потег, затоа што довело до значително намалување на продажбата на екстра лесното гориво, што само по себе покажува дека имало големи злоупотреби.

Потрошувачката на екстра лесното гориво во првите 11 месеци од лани, споредено со првите 11 месеци од 2019 година е намалена за 14 проценти. Уредбата беше донесена кон крајот на април 2020 година. Во вториот дел од 2020 намалувањето е помеѓу 35 и 40 проценти. Ова упатува на тоа дека се зголемени приливите во буџетот и спречени се малверзациите. Тоа значи дека во овој период наместо екстра лесно гориво се точело тоа што треба, дизел гориво со што се дава значителен придонес и кон заштита на животната средина, велат од РКЕ.

На злоупотребите со екстраленото гориво, кое наместо за греење во домаќинствата завршуваше во резервоарите на автомобилите, укажуваа и од Стопанската комора на Македонија, а тоа го покажа и анализата на Министерството за финансии. Од пониската акциза за екстралесното кое нелегално се точеше во возилата државата губеше по 30 милиони евра годишно, но беше на штета и на животната средина.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.