Автопатот Кичево-Охрид ќе се гради до 2026 – Пратениците направија експресни законски измени

Автопатот Кичево – Охрид доби нов рок за да биде завршен. На вонредна и итна седница, на само три дена пред почетокот на изборната кампања, власта и опозицијата заеднички се договорија да биде завршен до крајот на 2026 година. Ваквото пролонгирање на изградбата која трае една деценија, според минситерот за транспорт и врски нема да предизвика финансиски импликации за државата.
Изградбата на автопатот со вкупна должина од 57 километри првично беше проектирана на 374 милиони евра, а по неколкуте анекси на договорот и продолжувања на роковите неговата цена достигна 598 милиони евра.
Но, ова не е единствената измена што ја направија денеска народните избраници. Со експресни измени на Изборниот законик и без ждрепка, партиите во голем дел го одредија изглeдот на гласачкото ливче за парламентарните избори на 8 мај. Тие се согласија пратеничките листи и претседателските кандидати од иста партија да носат ист број на гласачкото ливче, доколку на тоа се согласи самата партија.
Имајќи предвид дека се работи за повидлив дел од гласачкото ливче, речиси е извесно дека сите партии би се согласиле да го задржат редоследот. Па така, СДСМ и коалицијата на гласачкото ливче за парламентарните избори ќе бидат заведени под број еден како Пендаровски, ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата под број два како Силјановска, ГРОМ со Стевчо Јакимовски – три, ДУИ со Бујар Османи – четири, Левица и Ванковска – пет, албанската опозција Вреди со Таравари – шест и ЗНАМ со Максим Димитреивски – седум.
За останатите партии што ќе учествуваат на парламентарните избори ДИК ќе треба да спроведе ждрепка. Законските измени, невообичаено, на само еден ден пред поднесувањето на пратеничките листи.