Владата ја одржа 95. седница

Владата на Република Македонија на денешната 95-та седница, меѓу другото, донесе одлука за отворање Инфо – центар за евроатлантски интеграции, ги усвои информација за потреба од итна санација на армирано – бетонски мост на пругата Велес – Гевгелија и меѓународната Повелба за отворени податоци.

Владата ја прифати информацијата за пренамена на средства од програмата енергетска ефикасност и обновливи енергии за финансирање проекти од областа на наводнувањето. Министерство за финансии треба да ја започне постапката за пренамена на средствата во вид на заем во износ од 20 милиони евра од програмата за енергетска ефикасност и обновливи енергии, III фаза, за проекти од областа на наводнувањето, а за останатите средства потребни за затворање на финансиската конструкција на овие проекти да побара развоен заем од Владата на СР Германија и банката КФВ.

Министрите денеска ја прифатија информацијата за обезбедување деловен простор за отворање Инфо – центар за евроатлантски интеграции. Целта е да се обезбеди простор за активен дијалог и дебата за евроатлантските интеграции.

Проектот предвидува организирање на промотивни настани, дебати и други активности преку кои на граѓаните ќе им се доближи процесот на евроатлантските интеграции и ќе го зголеми нивното знаење за истиот.

На предлог на Министерството за економија, Владата ја прифати информацијата во врска со формирање работна група за изработка на интегриран Национален акциски план за енергија и клима. Најдоцна до 25 овој месец, Кабинетот на ЗПВРМ задолжен за економски прашања и координација на економските ресори, министерствата за животна средина и просторно планирање, за земјоделство, шумарство и водостопанство, за транспорт и врски и за финансии, Секретаријат за европски прашања, како и Агенција за енергетика, ЕЛЕМ и МАНУ треба да номинираат лица кои ќе бидат вклучени во работната група за подготовката на Националниот план, а Министерството за економија по потреба дополнително во работната група да вклучи и претставници од други надлежни институции, граѓанскиот сектор и експерти. Национален акциски план за енергија и клима е обврска која произлегува од Енергетската заедница во која Република Македонија е една од Договорените страни.

На денешната седница, Владата усвои и информација за усвојување на меѓународната Повелба за отворени податоци. Изјавата за усвојување на меѓународната Повелба за отворени податоци ќе ја потпише министерот за информатичко општество и администрација и истата во рок од 15 дена треба да ја достави до членовите на Советодавниот одбор на Повелбата за отворени податоци.

Владата ја усвои и информацијата за потреба од итна санација на армирано-бетонски мост на пругата Велес – Гевгелија. Министерствата за финансии и за транспорт и врски се задолжени да предложат можни решенија за изнаоѓање финансиски средства потребни за санацијата на мостот. Додека ЈП МАКЕДОНСКИ ЖЕЛЕ3НИЦИ – ИНФРАСТРУКТУРА е задолжено да започне итна постапката за реализација на набавката – санација на армирано – бетонскиот мост на пругата Велес – Гевгелија.

На 95-та седница, Владата донесе одлука да му предложи на Уставниот суд да не ја прифати иницијативата поднесена од Еленко Миланов од Скопје, доставена до Уставниот суд на Република Македонија под У.бр.106/2018, за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 196 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/2004) и член 100 став 2 од Законот за изменување и дополнување на Кривичниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.114/2009).

Владата му предложи на Уставниот суд да не ја прифати иницијативата, со цел да се оневозможи избегнување одговорност за сторени кривични дела од страна на високи функционери за кои се води постапка од страна на Специјалното јавно обвинителство.

Дел од одлуките на Владата на Република Македонија денеска е информацијата за реализација на меѓународната изложба „100 години Требениште“. Генералниот секретаријат на Владата е задолжен во рамки на предвидените средства потребни за Канцеларијата на Претседателот на Владата на Република Македонија да обезбеди парични средства во износ од 1.200.000,00 денари во рамките на средствата обезбедени од државниот буџет за реализација на меѓународната изложба „100 години Требениште“.

По повод 100 години од првите истражувања на некрополата Требениште, кај Охрид, Археолошки музеј на Македонија, Национален археолошки институт со музеј – Софија и Народен музеј Белград во името на пријателските односи и соработката во областа на културно – историското наследство и научното истражување, ќе организираат три заеднички изложби, кои ќе се одржуваат последователно во Скопје, Софија и Белград. Изложбата ќе се одржи во периодот од 15 Ноември 2018 година до 15 Мај 2019 година.

Изложбите се посветени на промоција на заедничките европски вредности и европската интеграција на Западен Балкан, прогласена за главен приоритет на надворешната политика на трите држави – Република Македонија, Република Бугарија и Република Србија. Со изложбата ќе се претстави еден дел од богатото културно наследство на Република Македонија, кое се наоѓа во три држави пред пошироката јавност со што истата одблизу ќе биде запознаена со еден од најзначајните локалитети од Република Македонија. Изложбата „100 години Требениште“ ќе биде несомнено најголемиот промотор на македонското културно археолошко наследство.

You May Also Like