20 години од НАТО бомбардирањето на Југославија

Запалени села во Косово, пропаднати преговори со Белград: пред 20 години НАТО започна да ја бомбардира Југославија а германски војници за првпат по Втората Светска Војна се најдоа во воен ангажман.

Белград, 24 март 1999: силните предупредувачки сирени и првите напади речиси се случија во исто време. Последната шанса за мировно решение на косовскиот конфликт е безуспешно загубена. НАТО напаѓа со борбени авиони и проектили за да ги спречи српските сили во спроведување на бруталната акција во албанската провинција. Од италијанската база во Пјаченца полетуваат и германски авиони Торнадо. Околу 23 часот и 15 минути во Југославија се прогласува воена состојба. Уште истата вечер, тогашниот германски канцелар Герхард Шредер има телевизиско обраќање до нацијата. Според Шредер, југословенските безбедносни сили ги засилиле своите „терористички акции” против Албанците, а раководството во Белград ги прекршило сите договори „Затоа крајно средство е примена на насилство”, изјави тогаш Шредер.

Со таквата постапка западните сојузници ги бранат вредностите како слобода, демократија и човекови права, истакна канцеларот. Тој посочи дека со ангажманот на германското воено воздухопловство за првпат по Втора светска војна, германски војници повторно се во воена операција. „Ги повикувам сограѓаните во ваквите моменти да дадат поддршка за војниците.”

Serbien Kosovo (picture-alliance/dpa)

Како дел од западната воена алијанса Германија тргна во оружен поход кој не беше покриен со мандат од ОН. Беше војна, која западните држави ја оправдуваа со тоа дека неуспешни биле обидите без насилство српскиот претседател Слободан Милошевиќ да попушти. Во претежно со Албанци населената провинција која тогаш уште и припаѓаше на Србија од 1998 година се прошири вооружен отпро од страна на милитантите на УЧК. Милошевиќ девет години пред тоа ја укина автономијата на Косово. Српските безбедносни сили на отпорот одговорија со брутална агресија. Постојано се случуваа масакри на цивили и протерување на цели села. По злоделата на Србите во војната во Босна, западот сакаше еднаш засекогаш да ја прекине политиката на Милошевиќ на етнички мотивирани протерувања. Еден вид обврска да се бранат човековите права беше ставена над правото на суверенитет на една држава. Акциите на Милошевиќ предизвикаа и бегалски бран во околните држави кои беа закана за стабилноста на регионот. Во француското гратче Рамбује безуспешно се преговараше за излез од спиралата на насилство. Со прецизни напади врз касарни, воени бази и радарски станици, но и врз граѓански цели како телевизии, рафинерии, електрани и мостови Милошевиќ требаше да биде присилен да попушти.

Војната не беше толку „клинички прецизна”, како што прес-центрите на НАТО се обидуваа да ја претстават. Во погрешно изведени напади постојано имаше српски цивилни жртви, а во еден случај и косовски Албанци кои во провинцијата се движеле во колона бегалци. Особено трагично и од воен аспект бесмислено се покажа бомбардирањето на еден мост во централносрпското гратче Варварин. 15-годишната Сања Миленковиќ во тоа време одела на училиште во Белград, но таа и нејзините родители сметале дека би биле посигурни во руралното и мирно местенце Варварин. Кога на 30 мај, денот на православниот празник Светото тројство, со две другарки тргнала на пазар и преминувала преку мостот над реката Морава, во близина на девојчињата експлодирала ракета на НАТО. Сања која во тој момент имала само лесни повреди се држела на делови од разурнатиот мост.

Пред да дотрча некој на помош се вратиле авионите на НАТО и повторно бомбардирале. Шрапнелите од ракетата овојпат смртно го погодиле девојчето. Во истиот напад загинаа и деветмина други жители на селото, 27 биле повредени. 20 години подоцна мајката на Сања Миленковиќ стои на обновениот мост над Морава. „Се вели дека времето ги лечи раните”, вели таа, „но, тоа не е точно. Човек само учи да живее со болката.” Се множат годишнини, но за неа е важно да го одржи во јавноста сеќавањето на Сара. „Не смее да биде заборавена. Тоа што неа и се случи и на ова мало место може да му се случи секому секаде на светот.”

Весна Миленковиќ во еден дел од детството живеела во Германија, таа зборува германски и преку нејзината компанија често пати има работа во земјата. Заедно со Германци активисти се обидува Германија како дел од тогашната воена алијанса да ја тужи заради смртта на нејзината ќерка. Правниот спор се најде и пред Врховниот суд, но тужбата беше одбиена во сите инстанци. „Не ми е до парите за отштета”, нагласува Миленковиќ. Процесот требало да биде предупредување. Војната заврши по 78 дена со капитуалцијата на Милошевиќ. Косово најпрво беше протекторат на ООН, потоа во 2008 година прогласи независност. Повеќе од 100 земји, меѓу кои и Германија ја признаа новата држава на Албанците, други пак, меѓу кои и Русија, Кина и пет членки на ЕУ не го сторија тоа. Милошевиќ во 2000 година беше соборен од власт од сопствениот народ и потоа испорачан на Меѓународниот трибунал во Хаг. Почина во 2006 година пред да ја дочека пресудата во процесот кој се водеше против него заради воени злосторства во Хрватска, Босна и Херцеговина и на Косово.

Please follow and like us:

You May Also Like