ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

За и против предвремени парламентарни избори

Дали заедно со претседателските ќе има и предвремени парламентарни избори? СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не ја отфрлија таквата можност, но според упатените, предвремени избори не се потребни.

Предвремени парламентарни избори заедно со претседателските на пролет, наредната година, не се потребни, со цел земјата да продолжи во остварување на зацртаните цели на политички и економски план, согласни се упатените. СДСМ Претседателот на Собранието, Талат Џафери најави дека претседателските избори ќе се распишат на почетокот на февруари, а ќе се одржат од 2 март до 2 мај.

Премиерот Зоран Заев неколку пати досега изјави дека тој лично е против, предвремени парламентарни избори, бидејќи тие би биле погубни за економијата. Од СДСМ велат дека се подготвени за избори, како за претседателските така и за евентуални предвремени парламентарни избори, при што, како што наведуваат, испитувањата на јавното мислење покажуваат дека партијата е фаворит.

„Сепак, сметаме дека на Македонија не и се потребни предвремени парламентарни избори во период кога се реализираат врвните национални и државни интереси, а тоа е влезот во НАТО и ЕУ. Предвремените парламентарни избори можат да го забават започнатиот реформски процес и тоа да се одрази на почетокот на пристапните преговори со ЕУ. Одржувањето на предвремени парламентарни избори може да ја забави и економијата, а токму 2019 година е предвидена да биде година на економски раст, зголемени инвестиции, нови работни места и повисок животен стандард за сите граѓани“, соопштуваат од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ не соопштуваат конкретно дали се за предвремени парламентарни избори, туку само дека се подготвени за евентуално нивно одржување.

„Подготвени сме за предвремени парламентарни избори кога и да бидат. Не бегаме од соочување со народот. Народот е наша страна против политиките на СДСМ и кога и да бидат предвремените парламентарни избори ВМРО-ДПМНЕ ќе победи бидејќи народот не ги одобрува овие катастрофални политики на СДСМ и на Заев. Единствени што треба да се плашат од народот се СДСМ и Заев“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети во интервју за Радио Слободна Европа порача дека нема потреба за предвремени избори.

„Ние треба да ги спроведеме и материјализираме задачите, обврските, програмите кои ги имаме, било како Влада, било како политички партии кои партиципираме во коалицијата и мислам дека за земјата ќе беше покорисно ако се оди на редовни избори и да стигнеме со успех да ги завршиме изборите за Претседател на државата што подобро и да најдеме заеднички јазик овој процес да го менаџираме заедно“, изјави Ахмети.

Митко Гаџовски, политиколог од Факултетот за општествени науки смета дека предвремени парламентарни избори не се добра идеја, бидејќи се завршува еден турболентен процес во кој е земјата изминатиот период.

„Со распишување на нови парламентарни избори сметам дека Република Македонија нема нешто добро да добие, освен тоа што ќе изгуби доста време и енергија на тие избори. Мислам дека таа опција не е реална во овој момент. Згора на тоа не и одговара на владејачката структура затоа што сите очекувања за испорачување на резултати се по завршувањето на процесот за решение на името. Мислам дека таа варијанта нема да биде реализирана и нема да се спроведат предвремени парламентарни избори“, вели Гаџовски.

Ако до вчера се најавуваше дека 2019 година ќе биде година на економски реформи со предвремени изборите тоа ќе се пролонгира за уште за една или две години, вели економскиот аналитичар Висар Адеми.

„Мислам дека најава на предвремени парламентарни избори заедно со претседателски прво ќе има ефект врз самиот буџет на Република Македонија во однос на расходи, ќе се има малку повеќе трошоци затоа што во него се предвидени само претседателски избори, а не и предвремени. Тоа ќе биде директниот импакт врз самиот буџет. Но, најважниот и индиректен ефект е да се запостават уште еднаш реформите кои ние и не сме ги имале во последните две години со владата на СДСМ и на ДУИ“, додава Адеми.

Премиерот Заев порача дека не планира да се кандидира на претседателските избори. Од ВМРО-ДПМНЕ најавија оглас за пријавување на кандидати за претседателските избори, по што ќе следи конвенција на партијата за избор на најдобриот кандидат.

Ве молиме следете не и стискајте лајк:
error
fb-share-icon
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.