Џонсон тврди дека Брегзит без договор би бил неуспех за кој сите ќе бидат одговорни

Брегзит без договор би бил пораз за кој владите на Обединетото Кралство и Ирска би биле одговорни, изјави денеска во Даблин, британскиот премиер, Борис Џонсон.

Оваа изјава Џонсон ја даде пред првата средба со ирскиот лидер, Лео Варадкар, откако во Јули влезе во кабинетот во Даунинг Стрит.

Џонсон оптимистички најавува дека договор за Брегзит би можел да биде постигнат пред самитот на ЕУ во Октомври.

“Јас имам една порака денеска за тебе Лео и тоа е дека сакам да постигнеме договор. Јас сакам да имаме договор. Како тебе, јас внимателно го разгледав Брегзитот без договор. Ги разгледав неговите последици за нашата земја, но и за вашата и секако дека можеме подобро да направиме. Обединетото Кралство секако ќе се справи со тоа, но немојте да имате сомнеж дека резултатот ќе биде пораз за државнотворноста за кој сите ние ќе бидеме одговорни” – изјави Џонсон.

Ирскиот премиер, Лео Варадкар, пред денешната средба со Џонсон, најави дека ќе го праша својот британски колега како планира да го обезбеди евентуалниот договор за Брегзит во Парламентот, откако остана без мнозинство во долниот дом.

Варадкар го потсети Џонсон и дека во овој случај не може да има чист развод или прекин на односите меѓу Британија и ЕУ.

Доколку не постигнеме договор, тоа ќе предизвика сериозни проблеми за британскиот и ирскиот народ, но не толку многу на континентот. Што и да се случи, ќе мораме повторно да се вратиме на преговарачката маса. Кога тоа ќе го направиме, првите теми на агендата ќе бидат: правата на граѓаните, финансискиот договор и Ирската граница. Сите прашања кои ги решивме со договорот за Брегзит со вашата претходничка, договор кој со добра волја го поддржаа 28 влади” – подвлече Варадкар.

Ирската влада инсистира дека таканаречениот бекстоп, односно механизмот со кој во постигнатиот договор меѓу Тереза Меј и Брисел се избегнува постоењето тврда граница меѓу Ирска и Северна Ирска, односно меѓу ЕУ и Британија, мора да биде дел од секој нов договор.

Џонсон тврди дека тој нема да потпише каков било договор за Брегзит, доколку не биде отстранета таквата одредба, која според него е анти-демократска и форсира царинска унија меѓу ЕУ и Велика Британија.

Овој став, според аналитичарите, може да ги разгори националистичките страсти и да го загрози мировниот процес во Северна Ирска.

Уште една тема за која двете страни имаат спротиставени позиции е можноста за Брегзит без договор. Џонсон тврди дека нема да побара од Брисел ново одложување на крајниот рок за Брегзит и по 31-ви Октомври, но владата во Даблин најави дека би поддржала евентуално продолжување, во обид да се постигне договор.

Please follow and like us:

You May Also Like