Ѕанакопулос: За договорот од Преспа постои мнозинство во грчкиот парламент

Додека неизвесноста за тоа дали премиерот Зоран Заев го има истото двотретинско мнозинство во Собранието за уставни измени ќе заврши по средби со БЕСА на Касами и Алијансата на Албанците на Села, неизвесноста на грчка страна  за ратификација на Договорот од Преспа се зголемува.

Јазот помеѓу двата владини партнери Сириза на премиерот Алексис Ципрас и независни Грци на министерот за одбрана Панос Каменос станува се поголем, особено имајќи пред вид дека процесот за решавање на спорот за името по 15 јануари целосно се префрла на страната на Атина.

Како што објавуваат грчки медиуми, Каменос на Твитер повторно го нападнал поранешниот шеф на грчката дипломатија и потписник на Спогодбата Никос Коѕијас  нарекувајќи го дезертер. Коѕијас пак вели дека сега е јасно оти министерот за одбрана блефира кога на Ципрас му се заканува со повлекување од владата.

“Каменос престана да зборува  дека ќе ја собори Владата кога сфати дека многу од неговите нема да го следат“,изјави Коѕијас за Вести 24/7.

Тој, исто така, го обвини Каменос дека сака да ја распарчи соседната земја.

И покрај ваквите меѓусебни напади, грчките медиуми анализираат дека ратификацијата на Спогодбата од Преспа не е загрозена бидејки најмалку двајца пратеници на Независни Грци нема да ги следат препораките на лидерот Каменос и ќе го напуштат кога ќе се ратификува договорот за името. За договорот ќе гласаат и пратениците од партијата Река.

Дека Ципрас има мнозинство за ратификацијата тврди и владиниот портпарол Димитрос Ѕанакопулос .

„Врз основа на изразените ставови за ова прашање, јасно е дека Договорот од Преспа собира апсолутно мнозинство од вкупниот број пратеници. И јас сум сигурен дека прогресивните политички сили и прогресивните пратеници независно од разликите што можат да ги имаат со владината политика, нема да ја остават оваа историска можност неискористена, вели грчкиот портпарол.

Тој ги отфрла критиките на Нова демократија за договорот, а тврди и дека не е можно Каменос преку гласање на доверба на Владата да предизвика предврмемени избори.

Во Атина пак, наредната недела доаѓа и германската канцеларка Ангела Меркел, што грчките медиуми го толкуваат како можен притисок на грчката страна за исполнување на своите обврски од Спогодбата за името.

Please follow and like us:

You May Also Like