ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Цистерна кислород се троши на 5 дена за пациентите болни од КОВИД19 во ГОБ 8-ми септември-тие што го источуваат во централниот систем останаа без наградните ваучери

Зголемена е потрошувачката на кислород во градската болница „8-ми Септември“ во Скопје, којашто стана централно место за хоспитализирање и прием на заразени пациенти од Ковид-19.

-Имаме многу пациенти. На секои 5-6 дена доаѓа цистерна кислород која се преточува во централниот систем, но и во боците кои се употребуваат за згрижување на болните. Имаме седумдесет места за кислородна поддршка преку централниот систем. Доколку има потреба за останатите пациенти на кои им е нужно да примаат кислород користиме боци со кислород. Последните два месеци сите тие 70 места на централниот систем се зафатени со пациенти болни од Ковид 19 кои поради тешката состојба мора да се приклучени на кислородна поддршка. Затоа трошиме многу кислород, истакна директорот на ГОБ 8-ми септември Христијан Костов.

Во моментот во болницата има 140 пациенти, 17 биле примени во последното деноноќие, некои од нив и во тешка состојба. 4-ца пациенти со поблага клиничка слика вчера се префрлени на новоотворената Ковид клиника сместена во Детската болница во Козле. 7 пациенти со најслаба сатурација на кислород во крвта се на респиратор, а уште 8 заболени се приклучени на CSAP кислородни маски.

На дваесетина пациенти е користена и озонска терапија која им помогнала.  Секој ден според Костов има по 6-7 пациенти кои се отпуштаат од болница или поради подобрување на состојбата или поради негативни тестови.

Лекарите и медицинските сестри добија наградни ваучери, но владината уредба која предвидува награда само за лица со завршено медицинско образование да бидат наградени, остави многу од помошниот персонал без награда за учество во долгата битка со корона вирусот. Меѓу ненаградените во „8-ми Септември“ се и оние што го преточуваат кислородот од цистерните потребен на пациентите. Во болницата има голема логистичка служба, кујна, перална, болничари кои работат и расчистуваат во делот со болните пациенти- но останале без ваучери.

-Поради тоа, направив список со луѓе кои работеле и се активни во кризата. Списокот со предлог и тие да бидат наградени бидејќи се дел од големиот тим кој се бори за болните е доставен до Фондот за здравство, рече директорот на ГОБ Костов.

Во моментот 25 медицински лица од ГОБ се заболени, иако десетмина од нив веќе имаат прв негативен тест. Останатите кои биле во самоизолација веќе се вратени на работа

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.