Ципрас: Повеќе не постои нелогична употреба на тајните фондови на МНР

Грчкиот премиер Алексис Ципрас денеска изјави дека повеќе не постои „нелогична употреба на специјалните фондови” во Министерството за надворешни работи иа Грција и дека веќе нема случаи пари „да се изнесуваат лево и десно во црни вреќи”, како што обвини во 2011 година.

– Сакам уште еднаш да повторам дека нема никому да дозволам да му наштети на авторитетот на надворешната политика и на Грција, рече грчкиот премиер во врска со објавените информации и детали во медиумите за злоупотреби со тајните фондови од грчкото МНР, додавајќи дека дискусијата што се води во јавноста од дел на, како што рече, „опозициски медиуми”, има за цел да и наштети и на Владата и на земјата.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, во говорите за време на примо-предавањето на функцијата шеф на грчката дипломартија и досегашниот министер Никос Коѕијас и Ципрас се осврнаа на донесениот закон од нивната Влада за тајните фондови и рекоа дека ставиле ред во однос на претходните години.

– Секоја земја што си се почитува, треба да има надворешна политика која што ќе ја поддржи. Според тоа, специјалните фондови се неопходни, освен ако некој не се согласува со ова. Но, не во бројката и размерот како во минатото и не без институционална рамка за контрола. Ова го постигнавме, рече Ципрас.

Грчкиот премиер, воедно ги повика сите политички сили во земјата, а посебно се обрати до лидерот на опозициската Нова демократија, да посети некоја од неговите две канцеларии за да го информира, како што рече, „евро по евро” за тајните фондови.

– Немаме што да криеме од политичките сили во земјата, за тоа како со транспарентност и чесност управуваме со парите на грчките даночни обврзници, за да ја зајакнеме нашата надворешна политика, нешто што не беше случај многу години во минатото, истакна Ципрас.

Коѕијас од своја страна го објасни процесот соглсно законот за контрола на тајните фондови.

You May Also Like