Ципрас: Наскоро ќе станам првиот грчки премиер што го посетил Скопје

Договор од Преспа е дипломатско ремек – дело и ќе остане во историјата како прво билатерално прашање на Балканот, со кое се порази национализмот од двете страни, рече грчкиот премиер Алексис Ципрас во обраќањето на економскиот форум во Делфи.

Договорот не беше лесен, но беше заемно корисен и затоа никој не успеа да добие 100 проценти од барањата и денес не се чувстува понижен и обесправен, оцени Ципрас, најавувајќи дека наскоро ќе допатува во посета на земјава.

-Сакам да ве уверам дека што се однесува на владата којашто имам чест да ја водам, решени сме Грција да продолжи да гради врз она што го постигнавме со Договорот. Затоа, сакам да ви откријам, многу бргу ќе бидам првиот грчки премиер кој официјално ќе го посети Скопје, придружуван од бизнис-делегација. И дополнително ќе пристапиме кон основачки состанок на високиот совет за соработка на Грција и Северна Македонија, со цел да ги истражиме начините за продлабочување на нашата соработка за низа области од заеднички интерес, рече Алексис Ципрас, премиер на Грција

Свое обраќање на форумот имаше и шефот на македонската дипломатија, кој рече дека нема ништо поприродно од тоа две земји да бидат пријатели и да ја отворат иднината. Потрошивме политички капитал, мислејќи на иднината и обидувајќи се да изградиме нешто што не е лесно да се изгради, посочи Димитров.

-Целосно сум искрен со вас, ова не се празни зборови. Навистина е посебно, одлично чувство на успех дека можеме да бидеме горди на она што го постигнавме денес и светот да вели дека добрите вести доаѓаат од Балканот. Ова не е нешто на кое што сме навикнати и навистина сум горд што бев дел од овој процес, рече Никола Димитров, министер за надворешни работи.

Димитров рече и дека за разлика од неговата прва посета на Атина пред година и пол, сега, по Договорот од Преспа смета дека има повеќе пријатели.

Please follow and like us:

You May Also Like