Харадинај ќе воведе три нови мерки против Србија

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај денеска ќе објави нови мерки против Србија. По зголемувањето на царинските такси од 100 отсто за српски производи, Харадинај подготвува три нови мерки, од кои едната е забрана за употреба на динарот на косовска територија, пишува белградскиот весник „Блиц“, цитирајќи го приштинскиот аналитичар Фатмир Шехоли.

Втората мерка, која Шехоли ја очекува од Харадинај, е државните симболи на Косово да се постават во секоја општина, а третата е воведување мерки за сопствениците на автомобили кои не се регистрирани во Косово согласно правилата на властите во Приштина.

Приштинскиот весник „Газета експрес“, пак, повикувајќи се на неименувани извори од косовските институции, пишува дека првата мерка се однесува на автомобилите со српски регистарски таблици, чии сопственици кога ќе бидат на косовска територија ќе треба да стават времени таблици. Втората мерка според весникот би била забрана за увоз на стоки од странски компании, произведени во Србија, кои досега не плаќале такса од 100 отсто. Истите производи ќе се увезуваат од фабриките во Македонија и Унгарија и други земји од ЕУ, вели изворот на „Газета експрес“.

Третата мерка би била одлука на косовската Влада да не ги признава српските документи, кои се однесуваат, на пример, на квалитетот на производите.

Се очекува Харадинај да ги соопшти мерките по денешната владина седница.

Српскиот економист Љубодраг Савиќ изјави за весникот „Блиц“ дека „ситуацијата возачите да имаат на своите автомобили двојни таблици, едни за една држава, други за друга, е неверојатна за 21. век“.

Србија би можела да воведе контрамерки и целосно да го спречи влезот на автомобили на нејзина територија од Косово, со што би му причинила значителна штета, бидејќи повеќето камиони се движат кон ЕУ преку Србија.

– Поголеми ќе бидат штетите ако косовските возила не можат да минуваат низ Србија, отколку ако српските не минуваат преку Косово. Но не сум приврзаник на таков контра одговор – истакна Савиќ.

Пратеникот на Српска листа, Игор Симиќ изјави дека било која од новите мерки што ги подготвува Приштина ќе претставува опасност за опстанокот на косовските Срби. Тој ја повика меѓународната заедница итно да реагира и да спречи „евентуална хуманитарна катастрофа со огромни последици“.

Please follow and like us:

You May Also Like