Харадинај во оставка, но продолжува да раководи со Владата

Косовскиот премиер во оставка Рамуш Харадинај има намера да продолжи со својата функција. Откако доцна синоќа се врати од Хаг, за попладнево закажа редовна седница, со образложение дека не може да остави вакуум во власта.

Слушам гласини дека извршувањето на владините должности по оставката не е уставно. Како Влада во оставка, како што споменав и во мојата одлука за оставка, ќе ги извршувам моите должности, зошто не можам да оставам владин вакуум, бидејќи Косово не може да ги сноси последиците од владејачкиот вакуум. Со почит кон нив, страните кои размислуваат поинаку ги поканувам да се обратат до Уставниот суд, пишува Харадинај на ФБ.

Харадинај, преку социјалната мрежа напиша дека неговата невиност не може да се доведува во прашање и оти никаква злоупотреба не може да го наруши сувереното право на Косово.

Но, премиерот во оставка веројатно нема да има доволно кворум на седницата. Косовските медиуми јавуваат дека дел од министрите од коалициониот партнер Демоккратската партија, своето неучество на седницата го оправдале дека се на одмор. Пратениците и граѓанскиот сектор го потсетија, дека откако поднесе оставка, Харадинај нема право да закажува седници на кои ќе се носат одлуки, така што неговиот денешен потег е противуставен. Итно го повикаа претседателот Хашим Тачи да реагира и да ја спречи шарадата на Харадинај, бидејќи сегашаната влада е нелегитимна. Но, според уставот, приштинската влада не е распуштена, бидејќи парламентот се уште е активен. Во јавноста се уште е нејасно кој ќе ја преземе функцијата на Харадинај, до изборот на официјален негов наследник. Согласно законот го наследува, вицепремиерот и министер за надворешни Беџет Пацоли. Но, од кабинетот на Тачи се лиферуваше соопштение дека тој ќе ги преземе владините активности предвидени со Уставот на Косово.

По оставката на Харадинај, неизбежни се изборите, за што притосок направија и американските дипломати. Тие сметаат дека Владата не може да продолжи да функционира половично заменувајќи го Харадинај со друга политичка фигура. Датумот ќе биде познат наредната недела откако ќе се консултираат сите политички партии.

Рамуш Харадинај поднесе оставка на функцијата  откако доби покана да се појави пред Специјалниот суд во Хаг за неговата улога како командант на ОВК. Пред судот, тој се бранеше со молчење.

Please follow and like us:

You May Also Like