Хаосот со Брегзит ги исцрпува Британците

Настаните деновиве ја втурнаа Велика Британија во хаос. Премиерот Борис Џонсон нема веќе мнозинство во парламентот, сака тврд Брегзит и се залага за предвремени избори. Граѓаните се огорчени и- уморни.

Сите речиси со благодарност ја примија веста дека има кавга во фамилијата на Џонсон. По борбата за иднината на земјата доза трач им дојде како олеснување на сите. А, и зошто во фамилијата на премиерот би било похармонично отколку на други места во земјата, каде што во кавгата околу Брегзитот се растураат двојки, родители, релации со деца или пријателства?

Крвта не е појака од Брегзит

Џо Џонсон, помлад брат на премиерот, про-Европеец со воздржан и пријателски карактер, неочекувано најави повлекување од политиката. Тој со години е пратеник на конзервативците од југоистокот на Лондон. Местото можеше да падне под контрола на Брегзит партијата, да не беше тој таму за ториевците. Џо беше заменик министер во времето на Тереза Меј и кога брат му Џонсон дојде на нејзино место, Џо доби работа во службата за наука. Џо сега изјави дека неспоивоста меѓу „лојалноста кон семејството и националните интереси” станала неиздржлива.
Џо се помирил со решението кое подразбира дека е испреговарано со ЕУ. Сѐ потврдиот курс на премиерот за него изгледа е неиздржлив, барем така се интерпретира неговото повлекување. Шкотската премиерка Никола Старџен твитна дека „ниту братот наБорис Џонсон веќе не може да го поднесе неговиот правец.” Пратеничката од редовите на Лабуристите Анџела Рајнер пак со уште поотровна порака: „Борис Џонсон е таква закана што ни сопствениот брат веќе не му верува.”
Во парламентот новиот шеф на пратеничката група Џејкоб Рис Мог изјави дека и во други семејства има недоразбирања. Неговата сестра Анунцијата беше кандидат на Брегзит партијата и како нивни претставник влезе во Европскиот парламент. Џејкоб не ѝ бил доволно цврст во ставовите. Сестрата на Борис, Рејчел Џонсон пак ги отфрли обвинувањата дека семејството редовно се карало на заедничките ручеци. „Мора да кажам дека тоа се глупости…Фамилијата ја избегнува темата Брегзит особено за време на јадењето бидејќи не сакаме да се здружуваме против премиерот.” Освен тоа, темата не била погодна за метаболизмот.

Brexit Debatte im britischen Unterhaus (picture-alliance/AP Photo/Parliament TV) Џејкоб Рис Мог изјави дека и во други семејства има недоразбирања

На улиците лутина и замор

Еден од про-Брегзит демонстрантите на ливада од која медиумите ги проследуваат настаните, е лут што Брегзитот постојано се поместува. „Сакаме веќе еднаш да излеземе како што ни ветија политичарите по референдумот во 2016 година.” Тој смета дека ЕУ дури тогаш ќе биде подготвена вистински да преговара со Британците. Брегзит без договор е идеален, оти според него така од Европејците ќе се добие посакуваното. Тоа се поклопува со аргументите на Борис Џонсон изнесени деновиве. Активистка за заштита на животните која всушност е пред парламентот за да протестира против масовното убивање на јазовци, вели: „Во хаос сме. Со нас владеат идиоти. Ги заборавија сите други теми кои се битни за земјата. Се работи само за политички игри, а веќе не за вистинскиот живот”. Еден млад човек кој излегол на пауза додава: „сите се предадовме, навистина. Сите други земји само ни се смеат.”

Избори или нов референдум?

Земјата е и натаму поделена. Емоциите вријат, а исто и огорченоста: „Се надевам дека ќе се разбудиме од колективниов кошмар. Се надевам дека ќе спречат Брегзит без договор и дека луѓето ќе разберат дека ни е многу подобро вака како што е. Најдобар договор е оној што го имаме во рамки на ЕУ”, вели случајниот минувач Никола, алудирајќи на плакатите „Брегзит сега” на ливадата. Избори треба да има дури откако ќе биде сигурно декаБорис Џонсон не може да инсценира тврд Брегзит. Таквиот став го дели и поранешната пратеничка на конзервативците Ана Субри која од пролетоска е како независен пратеник во Долниот дом. Со опозицијата изминатите денови се бореше за закон кој треба да спречи тврд Брегзит. „Се надевам дека законот сега ќе стапи на сила и дека ЕУ ќе ни дозволи продолжување на рокот до крајот на јануари.”
Истовремено Субри смета дека постојаното одолговлекување мора да има крај: „На британската јавност ѝ е доста, а на економијата ѝ треба стабилност.” Нови избори не би помогнале бидејќи нема да доведат до јасно мнозинство: „Затоа сакам втор референдум.”

Мал јубилеј

Поддржувачите на „Гласот на народот” засега се во лузерска позиција. Исто како и Стив Бреј кој на денешен ден пред точно две години стоеше на ливадата пред парламентот и викаше на сиот глас. Неговата парола „Стооооооп Брегзит” ја извикуваше во ушите на насобраните телевизиски тимови, кои сега веќе го гледаат речиси како еден вид маскота. Неговите довикувања предизвикаа проблеми кај БиБиСи бидејќи се слушаа во позадина и со разговори со цврсти поддржувачи на Брегзитот. БиБиСи сега веќе работи со микрофони кои не го регистрираат неговото надвикување. Но, тој и неговите истомисленици не се откажуваат. „Важно е да се испрати нашата порака”, вели Стив. Видел како Тереза Меј дојде и замина од власт и како Борис Џонсон се досели на Даунинг Стрит. За новиот премиер има тешки зборови: „Имаме докажан лажго за премиер. Навистина го допревме дното.” И како ли ќе се продолжи понатаму? „Велам дека нема да се случи Брегзит. Луѓето гледаат дека сѐ пропаѓа. Земјата е поделена, политичките партии се поделени, па така не се опстојува. ЕУ не е перфектна, но е подобра отколку ова што сега ѝ се случува на Велика Британија.”

Please follow and like us:

You May Also Like