(ФОТО) Што се случи во „Охис“

До доцна синоќа траела акцијата за целосно да се собере контаминираната вода која се излеа во „Охис“. Инцидентот настанал по миење на базени во кои имало остатоци од опасен индустриски отпад. Водата од еден од контаминираните базен протекла во резервна бетонска када, по што жителите во околината почувствувале непријатна миризба и пријавиле во Државниот инспекторат.

„Вентилот пропуштил и дел од течноста од металниот резервоар се излеала во бетонската када. Од таа течност со вода која најверојатно содржи примеси на метил акрилат мономер ја дава таа остра миризба и како резултат на тоа имаше реакции од страна на граѓаните кои живеат во околината на ОХИС. Денеска повторно направив инспекциски надзор и констатирав дека таа течност целосно е  собрана и се вршеше само дезинфекција со вар на бетонската када“, вели Пејо Кировски инспектор во Државниот инсекторат за животна средина.

Ова е бетонската када во која се излеа контаминираната вода

Метил акрилат мономер е една од  од многуте хемикалии останати како индустриски отпад во некогашниот хемиски гигант „Охис“, но Инспекторатот ќе почека на резултатите за да ја соопшти токсичноста.

Со асистенција на Армијата и МВР, земени се примероци од контаминираната вода

За справување со овој отпад задолжена е фирмата „Екоцентар 97“ која го пакува и складира во специјални магацини и чека одобрение за извоз во Швајцарија. Власта уверува дека државните служби одговориле на инцидентот „секавично“ и нема простор за паника. Допрва ќе се утврдува евентуална одговорност.

„Испратен е надзор од страна на Хемискиот факултет од Штип и сега беше извршено мерење, не се констатирани штетни концентрации во воздухот којшто може да направат некој проблем. Записниците сите кои постојат ќе бидат дел од анализите“, вели заменик-министерот за животна средина Јани Макрадули.

Се брани и фирмата која работи на складирање на отпадот.

„ Ако се дојде до заклучок дека не е испочитуван некој процес, одлуката е кај нив. Меѓутоа јас мислам дека максимално се испочитувани сите процедури и сите закони“, вели Владо Момировски – директор на „Екоцентар 97“.

Невладините активисти, како и опозициската ВМРО-ДПМНЕ жестоко реагираа на неодговорно справување со индустриски отпад и освен казни, бараат и поголема ангажираност од власта.

„Не видовме како се врши оваа работа под контрола во смисла на поставување на една ограда од мерни инструменти, којшто ќе можат да ја детектираат концентрацијата на одреден радиус оддалеченост од самото место на инцидентот, кој ќе можат да ги предупредат граѓаните во одредена насока, да кажеме во насока каде што ќе дува ветерот тие ќе бидат изложени со поголема концентрација и да ги напуштат домовите или да се затворат итн. Едноставно видовме како неубаво се менаџира проблем“, вели еколошкиот активист Тони Никушевски.

Базените сега се празни, но некогаш тука се скадирал метил акрилат мономерот

Некогашниот хемиски гигант „Охис“ во старите хангари крие различни типови хемиски супстаниции, кои останале од некогашото производство. Фирмата е под стечај, а притисокот од јавноста е кон  државата за што поскоро да се исчистат сите типови на опасен отпад.

Please follow and like us:

You May Also Like