Туск реален: Нема подготвеност за отпочнување на преговори во наредните денови

Нема подготвеност кај земјите членки на ЕУ да донесат одлука за отпочнување преговори со Македонија во наредните денови. Претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск по средбата со шефот на македонската држава Стево Пендаровски изјави дека лично верува во само една одлука, да започнат преговорите врз основа на препораката на Европската комисија и за Македонија и за Албанија. Убеден е дека тоа ќе се случи, меѓутоа дополнува дека мора да биде претпазлив „бидејќи за постигнувањето на консензус меѓу сите 28 земји- членки на ЕУ е потребно повеќе време“. Пендаровски, кој е во прва меѓународна посета во својство на претседател и самиот признава дека постојат слабости кај нас и дека се неопходни уште реформи. Сепак, бара ЕУ да покаже визија и да ни го додели заслужениот датум за преговори.

– „Свесни сме дека се потребни уште реформи и се согласувам дека имаме слабости и дека ни престои уште многу работа. Но морам да истакнам една балканска политичка реалност. Ние сме најефикасни тогаш кога имаме пред нас конкретни задачи, а преговорите за членство се најдобра реформска алатка“, рече претседателот Стево Пендаровски.

Во меѓувреме премиерот замина во Берлин каде ќе се обиде да издејствува согласно од германската канцеларка Меркел за Бундестагот да изгласа потврда за отпочнување на преговорите до крајот на месецот, што веќе се чини како невозможна мисија. И покрај тоа Заев синоќа порача дека очекува позитивна порака од Меркел „со прецизни агенди и детали затоа што сите земји немаат никаква дилема ниту каков било аргумент против за добивање датум“. Инаку во врска со неговата закана дека би можел да поднесе оставка доколку не добиеме позитивен одговор од Европскиот совет, бриселскиот весник „Њу Јуроп“, повикувајќи се на висок дипломатски извор тврди дека таа била доживеана како „гротескна шега“ со објаснување дека една земја апликант без никаква карта во ракавот, кога преговара со најсофистицираната административна машина во светот, мора да понуди многу повеќе од празни закани.

Од друга страна 13 земји членки на ЕУ преку заедничка изјава побараа забрзување на евро интеграциите на Западен Балкан, а пред сè отворање на претпристапните разговори со Македонија и Албанија, како клучен инструмент за постигнување оддржлива стабилност, мир и просперитет во регионот.

Please follow and like us:

You May Also Like