Трамп тврди дека Иран пропаѓа како нација, но дека САД може тоа да го променат

Иран пропаѓа како нација откако САД минатата година му наметнаа остри санкции, рече во четвртокот американскиот претседател Доналд Трамп и додаде дека тоа може брзо да се промени со разговори со властите во Техеран.

Иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи претходно во вторникот рече дека Техеран нема да наседне на понудите за преговори кои доаѓаат од американскиот претседател Доналд Трамп, ниту ќе се откаже од својата ракетна програма.

САД и Иран од мај влегоа во уште пожестока конфронтација, една година откако Вашингтон се повлече од меѓународниот нуклеарен договор кој Техеран го постигна со шесте светски сили во 2015 година. Според договорот, Иран се обврза да го сопре збогатувањето на ураниум до ниво од кое може да се прејде на производство на атомско оружје, во замена за укинување на децениските меѓународни санкции.

„Кога станав претседател, Иран беше вистинска терористичка држава. Сѐ уште се нанадминати шампиони во теророт… Пропаѓаат како нација, а не сакам тоа да им се случи. Можеме тоа да го свртиме многу брзо, но извонредно е колку санкциите беа моќни“, изјави Трамп пред новинарите пред средбата со францускиот претседател Емануел Макрон во Каен, на западот од Франција а по учеството насвеченоста од одбележувањето на 75-годишнината од инвазијата на сојузниците во Нормандија во Втората светска војна.

Трамп го осуди нуклеарниот договор кој го потпиша неговиот претходник Барак Обама, бидејќи не бил траен и не ги вклучувал иранските балистички програми, како и улогата на Техеран во судирите на Блискиот исток. Го повика Иран да седнат на преговарачка маса и да постигнат нов договор.

„Разбирам дека сакаат да разговараат и тоа е во ред, да разговараме. Но не може да имаат нуклеарно оружје“, истакна Трамп.

Американскиот претседател оцени дека меѓу Вашингтон и европските сојузници нема разлика во пристапот кон Иран, додавајќи дека Франција, исто така, не сака Иран да дојде во посед на нуклеарно оружје.

Европските потписници на нуклеарниот договор, Франција, Велика Британија и Германија споделуваат иста загриженост како и САД околу иранската балистичка програма и дејствијата во регионот. Сепак, го бранат договор со кој се ограничува иранската нуклеарна програма и сметаат дека тоа може да биде основа за идни разговори.

„Мислам дека ги споделуваме истите ставови за Иран. Сакаме да бидеме сигурни дека не произведуваат нуклеарно оружје. Имаме договор до 2025 година, но сакаме да направиме чекор понатака и да постигнеме целосна сигурност на долги патеки. Потребно е да се намали балистичката активност на Иран на регионално ниво и да го осигуриме мирот во регионот. За да го постигнеме тоа, треба да започнеме со преговорите“, оцени Макрон.

Трамп додаде дека САД и Франција „прават многу нешта заедно“, алудирајќи на борбата против џихадистичката организација Исламска држава во Сирија и во Ирак. Односите меѓу двете земји „некогаш беа добри, а некогаш не, но сега се извонредни“, убедува Трамп.

„Секогаш кога слободата и демократијата се на коцка, ние тесно соработуваме“, порача Макрон откако двајцата челници им одадоа почест на американските ветерани и на загинатите на гробиштата на американските војнмици во Нормандија.

Please follow and like us:

You May Also Like