Трамп во посета на Обединетото Кралство

Американскиот Претседател Доналд Трамп и првата дама на САД, Меланија Трамп со средба со кралицата Елизабета Втора ја започнаа својата посета на Обединетото Кралство.

Откако беа официјално пречекани во Бакингемската палата од принцот Чарлс, Претседателот Трамп и неговата сопруга имаат заеднички ручек со кралицата.

Секако, во согласност со очекувањата, уште пред да пристигне во Лондон, посетата на Трамп веќе доби епитет на контроверзна. Пред самото слетување, Трамп на Твитер објави порака во која го исмева градоначалникот на Лондон, Садик Кан, кого го опишува како целосен губитник. Во истата порака тој сепак подвлече дека се радува на посетата на Велика Британија.

Градоначалникот на Лондон претходно оцени дека Обединетото Кралство не треба да го користи црвениот тепих за Трамп. Портпаролот на Кан оцени дека детските навреди треба да се под нивото на претседателот на САД , додавајќи дека Трамп е најдобриот пример за закана која ја носи крајната десница во целиот свет.

Во повеќе англиски градови, Лондон, Манчестер, Белфаст и Бирмингем во текот на тридневната посета ќе се одржуваат и протести против посетата на Американскиот претседател.

Сепак, шефот на британската дипломатија, Џереми Хант, најави дека британската влада ќе организира фантастично шоу за американскиот претседател во текот на неделата.

Знаете, тој е многу контроверзен Претседател и сите ние се навикнавме на тоа во текот на минатите две години и нема посети од Претседателот Трамп на кои нема неочекувани моменти. Но, оваа посета е исто така за нешто друго, затоа што пред 75 години имаше повеќе од 1 милион американски војници на британско тло кои беа подготвени да ги ризикуваат своите животи за да ја одбранат нашата слобода.

Официјалните разговори меѓу Трамп и британската премиерка во оставка, Тереза Меј ќе започнат во текот на утрешниот ден а на дневен ред се очекува да бидат прашањата како климатските промени и кинеската технологија од Хуавеи.

Во интервју за британскиот весник Сан, Трамп изјави дека го поддржува Борис Џонсон да биде нов Премиер на Обединетото Кралство а како свој пријател го опиша и лидерот на партијата за Брегзит, Најџел Фараџ.

Вечерва во Бакингемската Палата ќе биде организиран и Банкет во чест на Трамп, кој ќе го бојкотираат лидерот на Лабуристите, Џереми Корбин како и спикерот на долниот дом на Парламентот, Џон Беркоу.

Please follow and like us:

You May Also Like