Традиционално одбележување на Фитр Бајрам во Македонија

После светиот месец Рамазан муслиманските верници денеска го слават Фитр Бајрам. Нивниот ден почна со бајрамската молитва некаде во џамии а некаде и на главните плоштади. Централната манифестација на бајрамската молитва се одржа во Мустафа пашината џамија во Скопје каде освен внатре, верниците го преполнија и дворот од џамијата.

Поглаварот на ИВЗ, Сулејман Реџепи им порача на верниците да бидат солидарни со тие кои имаат потреби.

“Апелираме до нашето муслиманско население, како што секогаш се благородни и дарежлив народ да се најдат покрај сите категории на луѓе кои имаат потреба од нас. Апелирам да бидете посолидарни, дарежливи и да не правите разлика каква етничка или верска припадност имаат сиромашните“, повика Реисул-улема Сулејман Еф. Реџепи, поглавар на ИВЗ.

По бајрамската молитва семејтвата се седнува на заедничка бајрамска трпеза, а потоа, како што е традицијата се посетуваат најблиските роднини и пријатели за да се честита најголемиот празник во исламскиот календар.

Тие што најмногу му се радуваат на овој празник се децата кои еден ден претходно купуваат  нова облека за денеска да изгледаат најубаво облечени. “Дали сакате да си честитаме Бајрам“ велат тие кога сите заедно ги посетуваат соседите или нивните блиски.

Честитки по повод Фитр Бајрам упати и државниот и политичкиот врв. Тие посакаа толеранција, соживот и заедничко градење на општеството и државата.

Празникот Фитр Бајрам во исламскиот свет се смета за ден на надеж, среќа и солидарност. Едно од главните обележја на овој ден е давањето милостина во пари и храна или како што е познат кај муслиманите, давање Зекат за сиромашните и семејства кои имаат потреба.

Please follow and like us:

You May Also Like