ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

„ТНТ“ од утре се враќа на почеток, судиите ја прифатија оставката на поротничката

Поротничката Лилјана Ивановска-Кочковска која деновиве е актуелна поради мандатот и постапувањето во неколку предмети на СЈО, утрово поднесе неотповиклива оставка и ја достави до судиите кои постапуваат во предметот „ТНТ”. Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани ја прифатија оставката и одлучија судењето веќе од утре да почне од почеток, но ги предупредија адвокатите и обвинетите дека имаат шанса да докажат оти сакаат да се спроведува законот и дека нема да ја одолговлекуваат постапката.

Поротничката Ивановска-Кочковска денес не беше во судница и нејзиното столче меѓу членовите на советот што го суди овој предмет остана празно. Празни беа и местата на обвинетите Тони Трајковски и на Елизабета Најдовска.

„Каде ви е Тони“?-  го  праша судијата Ставрев адвокатот Јовица Страшевски кој беше дојден во судница, иако како што кажа немал добиено покана за на судењето.

Покана за судење не добил ниту Трајковски, а адвокатот Страшевски на судење дошол откако, како што рече замолен од сопругата на обвинетиот.

Каде залутале поканите кои требало да ги добијат адвокатот и двајцата обвинети никој не знае, но судијата Ставрев укажа дека освен во писмена форма на Страшевски му била испратена и покана по електронски пак.

Тој пак тврди дека таква покана не добил ниту во писмена форма, ниту по електронски пат.

Страшевски деновиве преку медиумите испраќаше отворени писма за притисоците кои ги имала поротничката, а кои не биле од страна на одбраната.

Денес во судница тој го извести судот дека и утре за кога е закажано следното рочиште за „ТНТ“ ќе дојде на судење, но посочи дека со неговиот клиент Трајковски немал комуникација и не успеал да го добие 10 дена и не знаел дали утре тој ќе се појавел во судница.

Судијата Ставрев откако нотираше кој е присутен во судница и откако го прочита известувањето на поротничката им се обрати на адвокатите и обвинетите и ги предупреди дека утре во 12 за кого е закажано судењето, постапката почнува од почеток и нема никакви отстапки.

„Поротничката утрово го извести судот дека си поднесува неотповиклива оставка поради здравствени причини и судот истата ја прифаќа како законска. Вие постојано тврдевте дека немате намера да ја одолговлекувате постапката и еве ви шанса да го покажете тоа. Постапката од утре ќе почне одново и а не биде тоа макотрпно, туку да оди брзо и законски. Еве ви даваме шанса да покажете дека работите во интерес на правдата. Се гледаме утре во 12 и нема повеќе збор„, рече судијата Ставрев.

Поротничката Ивановска-Кочковска и претходно поднесе барање за неотповиклива оставка, но поради закани. По средба со претседателот на судот Иван Џолев кој и понуди и обезбедување и заштита на нејзиниот углед, таа се повлече. Но, овој пат оставката е поради здравствени причини и е прифатена во предметот „ТНТ“.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.