Тлото на Закинтос не се смирува: Два нови земјотреси во рок од 7 минути

Два нови помали потреси го затресоа утрово подрачјето кај западниот грчки остров Закинтос, но не е пријавена било каква штета, соопштија грчките геолошки експерти.

Атинскиот институт за геодинамика соопшти дека потресите се случиле во период од 7 минути.

Првиот, со јачина од 4,4, степени е регистриран во 5.11 часот по локално време, додека епицентарот бил на 78 километри јужно од Закинтос на длабочина од 10 километри.

Седум минути подоцна, потрес со јачина од 5 степени е забележан на 59 километри југозападно од островот, на длабочина од 7 километри.

Закинтос на 26 октомври го погоди силен земјотрес, со јачина од 6,4 степени, а од тогаш се регистрирани 21 последователни потреси со јачина од 4 до 5,5 степени.

Како последица на силниот земјотрес од пред 10 дена, овој грчки остров се помести најмалку 3 сантиметри кон југозапад, што е заклучено врз основа на дигиталната обработка и анализите на радарските снимки кои ги направија сателитите ЕУ и ЕСА Сентинел – 1 на сервисот Коперникус.

You May Also Like