Тепачка за плински уреди, врски фрчат на сите страни

Огромен интерес на граѓаните за вградување на плински уреди во своите возила, откако Министерството за економија го објави јавниот за субвенции до 300 евра за плински уреди за сите граѓани, кои од 1 ноември до 2 декември ќе купат и ќе вградат ваков уред. Тоа е околу 50 отсто од трошоците што треба да се направат за да се вградат овие уреди во возила кои пак не смеат да бидат постари од 2005 година.

Фирмите што ги вградуваат плински систем веќе ги имаат пополнето сите слободни термини  за ноември и не можат да постасаат за да граѓаните навреме аплицираат, бидејќи субвенциите ќе се делат по принципот прв дојден прв услужен. Штом ќе се потроши буџетот од 15 милиони денари колку што државата реши да одвои за овие намени ќе завршат и субвенциите кои се доволни за вградување на вакви уреди кај околу 900 возила.

Во весникот „Вечер” се јавија читатели кои реагираа дека не можат да си закажат термин за вградување на плински уред и дека многу малку возила ќе можат да  ја добијат таа привилегија. Тие се револтирани и сметаат дека се работи за популистичка мерка која сега се користи само во пред изборна кампања и дека тоа е капка во морето на огромниот број на загадувачи кои и понатаму ќе продолжат да ја загадуваат животната средина.

-Се јавив во фирмата „Новус“ и ми рекоа дека прв слободен термин за да можат да ми вградат плински уред во автомобилот е 28 ноември. Истовремено ме предупредија дека ако сакам да аплицирам  за субвенции нема да можам да го фатам крајниот рок на огласот кој на 2 декември завршува – вели скопјанецот Јордан Лазов и дополни дека тоа е така бидејќи по вградувањето  има процедура да се смени сообраќајната дозвола за која исто така се чека по една недела.

Тој реагираше и вели дека доколку реално  се сака да се намали загадувањето на животната средина треба да се отвори оглас кој ќе трае неограничено и секој кој  сака да може да вгради плински уред, оти само така на долг рок ќе има ефект.

Редакција Вечер контактираше неколку компании кои што вградуваат плински уред од каде добивме одговор дека во моментов се случува лудило, односно навалица за купување и вградување плински уреди,а тие немаат капацитет за толку кратко време да им излезат во пресрет на возачите.

Според статистиката во земјава се возат 413.000 возила од кои половина се на дизел гориво. Останатите  возат на бензин, а од нив 10 до 15 % имаат вградено плински уред. Само во град Скопје регистрирани се 230.000 возила кои истовремено се големи загадувачи  со издувните гасови.

Министерот за економија Крешник Бектеши деновиве појасни дека ова е една од  мерките за справување на аерозагадувањето за што се обезбедени буџетски средства според можностите. Како што  објасни министерот, за да добијат субвенции, сопствениците на возила произведени од 2005 година па наваму, треба да извршат купување и вградување на уред за погон на ТНГ, метан или друг вид на алтернативно гориво во возилата, по денот на објавување на Јавниот повик, во некој од фирмите кои вршат продажба и вградување на таквите уреди.

-Со така преправеното возило сопственикот треба да се упати во Техничка служба која ќе ја констатира преправката и сопственикот ќе биде упатен во МВР каде што треба да се пријави преправката. Во МВР на сопственикот му се издава упатница, која ја доставува до техничката служба, за да биде извршена проверка на сообразноста на направената преправка. Техничката служба го прегледува возилото, изготвува записник и издава потврда за сообразност на вградениот уред (познатa како АТЕСТ) и придружно писмо. Со Потврдата и писмото, сопственикот се упатува на шалтер на МВР (во техничката служба или станица за технички преглед) каде добива нова сообраќајна дозвола во која е евидентирана преправката односно дека е монтиран уред за погон на ТНГ, метан или слично -појасни министерот Бектеши и дополни дека постапката од моментот на доаѓање во техничката служба до издавањето на новата сообраќајна дозвола не трае повеќе од 2 до 3 дена.

Тој нагласи дека тие навреме ги извести сите надлежни институции кои се дел од оваа постапка, дека ќе биде објавен овој оглас, со цел за брзо и навремено спроведување на оваа постапка, со што сите граѓани кои ќе инсталираат ваков уред ќе можат во предвидениот рок да аплицираат за надоместување на дел од средствата, односно за субвенции.

Буџетот за 2020 година се крои и засега нема податоци дали државата ќе одвои доволно средства за да се продолжи со субвенционирање на граѓаните за купување и вградување на плински уреди.

Please follow and like us:

You May Also Like