Талат Џафери прво бара консензус од сите за промена на изборниот модел

Предложените измени на Изборниот законик ќе бидат ставени на дневен ред на една од пленарните седници во наредните недели, меѓутоа, претседателот на Собранието Талат Џафери е скептичен дека тие ќе бидат прифатени. Тој рече дека некои од партиите веќе кажале својот став и додава дека не се препорачува вакви измени со кои се предвидува намалување на изборните единици од шест на една и отворени листи на кандидати за пратеници да се спроведат непосредно пред распуштањето на Собранието.

“Прво, мора да се постигне консензус меѓу сите политички субјекти за нов модел,  не е пожелно да се донесе таков предлог-закон кој е за промена на генералниот изборен систем, да се донесе во последните два месеци од парламентарниот состав затоа што ваквите закони резултираат со потреба од спроведување на многу практични измени во обврските на другите институции вклучени во изборните процеси”-изјви Талат Џафери, претседател на Собранието.

Според Џафери, спроведувањето на овие промени ќе трае подолго.

“Мислам дека би било посоодветно за ваков предлог-закон да се расправа на почетокот на мандатот на парламентарниот состав кој би можел да ги одобри можните решенија и дека тие решенија би можеле да се спроведат, односно да се направат подготовките на целата инфраструктура за спроведување на законските норми”-рече Талат Џафери, претседател на Собранието.

Џафери потврди дека нацрт-законот на Министерството за правда за усвојување на препораките на ОБСЕ-ОДИХР сè уште не е доставен до Собранието. Политичките партии изјавија  дека се подготвени да гласаат за усвојување само на препораките. Во меѓувреме, предлозите на некои пратеници од помалите партии, кои вклучуваат модел на една изборна единица и отворени листи, не беа широко прифатени. Покрај СДСМ што ги поддржува, и ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се спротивставија на овие измени.

Во последната недела од декември, претседателот на Собранието Џафери очекува дека ќе има сигнал за одлука за имињата што ќе бидат дел од Кабинетот на техничката влада и за кои треба да се гласа, најдоцна, на 3 јануари.

Please follow and like us:

You May Also Like