Сугарески очекува железничката пруга Куманово-Бељаковце да биде готова за 18 месеци

Железничката пруга од Куманово до Бељаковце се очекува да биде готова за 18 месеци, а во рок од три до четири месеци да заврши тендерската постапка за делот од Бељаковце до Крива Паланка по што би почнала и нејзината изградба, најави денеска министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

На прес-конференцијата во Владата на која Сугарески информираше за Предлог-буџетот за 2019 година во делот на транспортот, истакна дека на потегот од Куманово до Бељаковце во најголем дел е завршена експропријацијата и оти во финална фаза се на потпишување на анекс на договорот за завршување на делницата од 16 до 18 месеци.

– Оваа делница требаше да биде готова во септември 2016 година. Надминати се проблемите во делот на експропријацијата. Со потпишување на овој анекс и согласно роковите коишто ќе бидат дадени со изведувачот, овој проблем ќе биде целосно решен, рече Сугарески.

За третата делница од Крива Паланка до бугарска граница се обезбедени 60 милиони евра од страна на ЕУ и во набрз рок се очекува да се заокружи целосната финансиска конструкција за оваа делница.

Во Предлог-буџетот за 2019 година покрај тоа што се предвидени средства за модернизација на железницата, проектирани се и една милијарда 577 милиони денари за гасификација, дел во кој министерот Сугарески очекува засилени градежни активности следната година. На трасата која треба да минува низ Водно, а за која имаше реакции од страна на еколошки здруженија, министерот рече дека постапиле во делот на стеснување на трасата и оти овој проект треба да продолжи.

–   Во моментов се работи таму. Во изминатиот период имавме преговори со екологистите и на  преговорите во Град Скопје и во Министерството за животна средина, ги дадовме сите аргументи и постапивме во она што го дадовме во делот на стеснување на трасата. Сега сум на тврдење дека се што значи пошумување, ќе биде направено таму. Но, да не заборавиме гасификацијата е еден од најстратешките проекти, подвлече Сугарески, додавајќи дека следната година во план е да биде завршено се она што е согласно планот на Македонски енергетски ресурси.

Следната година планирани се и средства за изградба на водоводни и канализациони мрежи, меѓу кои и за изградба на водоводна мрежа во индустриската зона Визбегово и во селото Арачиново. За финансиска поддршка на нови авиолинии обезбедени се 84 милиони и 210 илјади денари, а за патната инфраструктура 123 милиони денари. Ќе се градат и социјални станови за што се обезбедени 310 милиони денари, а со средства во висина од 430 милиони денари ќе се покриваат и загубите на јавното претпријатие „Македонски железници“.

Please follow and like us:

You May Also Like