Старт на учебната година со штрајк за повисоки плати

Зголемување на платите на просветните работници за 25 проценти бара СОНК од каде најавуваат еднодневен штрајк на првиот школски ден доколку власта не одговори на барањата. Од Синдикатот велат оти претстои доста работа за наоѓање применливи решенија за состојбите во образованието.

Можност за идно покачување на платите постои, реагираат од Министерството за образование и наука, но апелираат школската година да не започне со штрајк, бидејќи според нив, не е можно нагло покачување на платите во образованието за 25 проценти.

Штрајкот што го подготвува Самостојниот синдикат за образование, наука и култура планирано е да биде одржан само на првиот школски ден на 2 септември и тој нема да продолжи до остварување на барањата, велат од Синдикатот, наведувајќи дека ќе остават простор за социјален дијалог со МОН и со Владата за во текот на септември да бидат најдени прифатливи решенија за платите во 2019 година и за креирање на Буџетот за 2020 година.

„Мораме да ги зголемиме платите колку што во моментов може да се одвои, а тоа е за процентите кои ги спомнуваме и кои практично би рекол дека државата ни ги должи“, вели претседателот на СОНК Јаким Неделков.

/**/ /**/ /**/ Илустрација: Училница
Видете и ова:

Поголеми плати за наставниците од септември

Причините за штрајкот, како што информираат од СОНК, се ниските плати на вработените во сите степени на образованието, односно како што посочуваат, тие се под просекот на платата на национално ниво и со огромна процентуална разлика на минималната плата на национално ниво.

„Овие непобитни факти резултираат со заклучок дека социјалниот статус на вработените во образованието е под секое ниво и нивото на достоинството на просветниот работник“, се наведува во соопштението на СОНК.

Од Министерството за образование и наука сметаат дека во моментов нема потреба да се организира штрајк. Министерот Арбр Адеми изјави дека досега платите биле покачени за 10,8 отсто во основно и средно образование, додавајќи дека по неколку години оваа година за прв пат се покачуваат платите и во високо образование.

„Штрајк се организира кога нема решение. Решение ние нудиме: пет проценти во 2018, пет проценти во 2019 и ќе има идно покачување на платите во дејност образование. Но, колку ќе биде тоа покачување на платите и од кога, не можам сега да кажам, бидејќи ги немаме разгледано сите параметри и ја немаме се` уште јасната слика од обврските што сме ги преземале како држава за следната фискална година. Кога податоците ќе бидат се` појасни, тогаш пред јавноста благовремено ќе излеземе и ќе кажеме колку ќе биде следното покачување на платите“, вели Адеми.

Неделков смета дека постои можност платите во образованието веднаш да бидат зголемени за 25 отсто. Според него, Владата треба „реално“ да ги согледа состојбите во образованието во делот за платите и да преземе мерки и активности со кои „овие 25 проценти практично ќе им бидат вратени на работниците.“

„Велам вратени затоа што минималната плата четири години во континуитет се покачува и е некаде 25 проценти, а платите во образованието останаа исти, односно минатата година само 5 проценти беа зголемени. Од таа причина сметам дека тие пари што ние ги бараме за зголемување на плати, се пари коишто ни ги должат по основ на зголемување на минимална плата на национално ниво“, вели Неделков.

Од СОНК велат дека висината на платите во моментов е еден од најголемите проблеми во образованието, но посочуваат дека има и други прашања кои тековно треба да се решаваат како што се педагошката евиденција и администрација од аспект дека се` уште постојат два дневника, наставните програми и планови во насока на тоа дека наставниците и ученицте имаат премногу часови, законските решенија за основното образование и новото законско решение за средно образование. Неделков вели дека има доста работа за подобрување на воспитно – образовниот процес и за наоѓање на оптимални решенија кои ќе бидат применливи.

Please follow and like us:

You May Also Like