Скопје и Атина влегуваат во финишот за „Преспа“

Во НАТО очекуваат до 15-ти февруари во двете земји да завршат сите процедури со Договорот од Преспа. Македонскиот парламент закажа седница на 9-ти јануари, а се прават подготовки и во грчкиот.

Со завршувањето на новогодишната прослава, на сцена се враќаат политичките обврски чие завршување е предвидено во првата половина на јануари. Постпразнично, и домашното, но и вниманието на грчките медиуми е насочено кон македонскиот парламент и седницата број 75, закажана за 9-ти јануари, со четири точки на дневниот ред: утврдување на предлог амандманите на Уставот, донесување на амандманите, прогласување на Амандманите, и на предлог-уставниот закон за нивно спроведување.

Тоа е последната фаза од уставните измени предвидени со Договорот од Преспа и последна обврска што треба да се реализира за негова имплементација.

Писмо од Столтенберг

Забрзана е и динамиката во Атина, каде очекуваат македонскиот парламент и порано од предвиденото да ги заврши обврските од Договорот.

„Mожно е ратификувањето на Договорот за Преспа да заврши и пред првично маркираниот датум, 15 јануари. Гласањето (за уставните измени, н.з) може да се случи дури и на денот на започнување на постапката на пленарната седница, со оглед на најавеното повлекување на опозициската ВМРО-ДПМНЕ од дискусијата. Забрзувањето на чекорите од македонска страна е во целосна координација со ритамот кој го сака и НАТО“, пишува „Катимерини“.

Весникот, повикувајќи се на „добро информирани извори“, пренесува дека НАТО сака најбрз можен процес.

„Постои писмо од Генералниот секратар на НАТО, Јенс Столтенберг, во кое се повикува на завршување на сите процедури во двете престолнини до 15-ти февруари 2019 година“, објави весникот, додавајќи дека тоа ги забрзува и активира и процедурите во Атина.

Тоа деновиве го најави и портпаролот на грчката влада, Димитрис Ѕанакопулос. „Премиерот Ципрас по 18 јануари ќе донесе одлука кога Преспанскиот договор ќе биде поднесен за ратификација во грчкиот Парламент“, рече Ѕанакопулос, објаснувајќи дека се во тек потребните „парламентарни комбинации за ратификација на Договорот, и дека тие се интензивни“.

Минатата недела и грчки дипломатски извори за весникот „Елефтерос типос“ изразија очекување дека Договорот од Преспа меѓу Атина и Скопје уште во текот на јануари ќе влезе во процедура на ратификација во грчкиот парламент. Имајќи го предвид ова, грчките медиуми најавуваат дека ако процесот во Скопје заврши успешно, „топката веднаш ќе се префрли на грчки терен“.Но, пренесуваат и владини информации дека „премиерот Ципрас има обезбедено мнозинство во парламентот за поддршка на Договорот од Преспа“. И поранешниот шеф на грчката дипломатија, Никос Коѕијас, во неодамнешното интервју за МИА изрази увереност дека грчкиот парламент има мнозинство за ратификција на Договорот од Преспа.

Please follow and like us:

You May Also Like