Силјановска пристигна во белиот дворец

Заврши рокот за пријавување на кандидати за претседател од редовите на ВМРО-ДПМНЕ што ќе биде поддржан на партиската конвенција во Струга закажана за 16 февруари. Пристигнати се осум кандидатури, но конечниот број на апликанти ќе биде познат најдоцна до вторник, бидејќи дел од апликациите би можеле да стигнат и по пошта. Кандидатурите ќе бидат разгледани од партиска комисија, која треба да утврди кој од апликантите ги исполнува предвидените услови. Кандидатите потоа добиваат шанса да ја претстават својата програма и визија пред општинските комитети. Победникот ќе го изберат околу 530 делегати на струшката конвенција.

Во ВМРО-ДПМНЕ не сакаат да ги соопштат имињата на апликантите, но, според нашите информации, меѓу пријавените се пратеникот Влатко Ѓорчев, како и професорката Гордана Силјановска, кои важат за најсериозни кандидати во интерната трка.

Немаме фаворит

Во партијата внимаваат како да ја изменаџираат ситуацијата за да нема поразени и лути, но информациите говорат оти професорката на Правниот факултет важи за фаворит и се очекува таа да истрча во дресот на опозицијата на изборите на 21 април и 5 мај. Таа е на добар глас кај раководството на партијата, како и кај интелектуалната елита поради нејзината елоквентност и професионална умешност, а од неа се очекува да собере гласови и од левицата и од центарот. Од друга страна, во вмровските кругови ќе ви кажат дека Ѓорчев, кој сега е пратеник, дваесетина години е дел од структурите на ВМРО-ДПМНЕ, ги има поминато сите скалила, има одлични контакти со Брисел и пред сѐ во Вашингтон, поради што никој во партијата нема лош збор за него.

Силјановска, која беше „номинирана“ од триесетина нејзини колеги, вчера не одговораше на повиците. Ѓорчев, пак, продолжи со својата неформална кампања што ја води од Нова година, па информира дека бил во Тетово заедно со претседателот Ѓорѓе Иванов, а ревносно споделува кој се во земјава и од надвор му дал поддршка. Последни на листата му се европратениците Милан Звер и Алојзе Петерле.

На прашањето дали ВМРО-ДПМНЕ веќе го има избрано својот фаворит и дали со тоа ќе се подели членството, од партијата демантираат и објаснуваат оти единствена цел на сите пријавени кандидати треба да им биде Македонија, односно сплотување на сите граѓани со нивната програма и нивните идеи.

„Тоа е и целта на конвенцијата, тоа е целта на сите граѓани кои можат да аплицираат. Затоа е добро да ги слушнеме нивните програми, да видиме што ќе понудат за граѓаните и се разбира, најдобриот кандидат сите да го поддржиме, единствени да бидеме и да излеземе на изборите“, вели потпретседателот Владо Мисајловски.

Процесот е фарса

Тој потенцира дека се прва партија во Македонија, која отворила широк процес на презентација типичен за развиените демократии, каде секој кандидат има можност за непосредни средби со членството и негово запознавање со своите гледишта за државата.

„Ваквиот процес е со цел низ еден транспарентен и демократски процес да биде избран кандидатот кој ќе го претставува мнозинското мислење на граѓаните, ќе ги застапува нивните идеи и ќе работи во согласност со уставот и законите во полза на сите граѓани“, смета Мисајловски.

Тоа е фарса, кандидатот на Мицкоски нека се подготвува за пораз, бидејќи граѓаните не сакаат нова марионета на Груевски, коментираат во СДСМ.

„Она што е очигледно е дека конкурсот е една обична фарса, бидејќи Мицкоски лично го бира негов фаворит. Кој и да биде, може само да се подготви за пораз на претстојните избори. Граѓаните нема да дозволат нов Иванов“, посочуваат на „Бихаќска“.

Во ВМРО-ДПМНЕ не сакаат јавно да ликуваат што пропадна обидот на СДСМ и на ДУИ да дојдат до консензуален кандидат.

„Ние сме политичка демократска партија каде што даваме простор за сите наши кандидати да се претстават, па истото го очекуваме од другите. Мислам дека плурализмот е одлична шанса сите партии да имаат свои кандидати, да се соочат, да ги слушнеме нивните визии, па да победи најдобриот. Дали ќе има пазарење меѓу власта е најдобро нив да ги прашате“, заклучува Мисајловски.

Please follow and like us:

You May Also Like