ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

СЗО следната недела испраќа истражители во Кина

По шест месеци, откако СЗО беше известена од страна на кинеските власти дека имаат пациенти со пневмонија, а не го знаат причинителот, истрагата за изворот на Ковид-19 започнува следната недела. 

Пекинг тврдеше дека првичното жариште е пазарот за морска храна во Вухан, а вирусот на луѓето им бил пренесен од лилјаци, но голем број земји ја обвинија Кина дека крие значајни информации. Досега меѓународна истрага не им беше дозволена на САД, Австралија, Јапонија, Јужна Кореја.

„Што се однесува до животинското потекло, СЗО веќе неколкупати кажа дека изворот на вирусот е значајно прашање и за науката и за јавното здравје. Ќе можеме подобро да се бориме со вирусот кога ќе знаеме се за него, вклучувајќи и како започна. Ќе испратиме тим следната недела во Кина за тоа да го открива.“ вели Тедрос Аданом Гебрехесус – генерален директор на СЗО.

Кон крајот на мај, кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, дозволи меѓународна истрага за откривање на „нулта-пациентот“, под услов да биде предводена од СЗО, со цел, како што вели, да е ослободена од политичко влијание. Тој додаде дека Кина се стигматизира и неосновано обвинува за нетранспарентност.

Прашањето стана тема и за политички препукувања, особено на релација Вашингтон-Пекинг, откако американскиот претседател Доналд Трамп рече дека има докази што посочуваат дека вирусот е излезен од кинеска лабораторија и започна да го нарекува кинески вирус. Новинар на „Чајна Дејли“ на вчерашната прес-конференција побара осуда за Трамп, но СЗО реши да одговори дипломатски.

„Ги охрабруваме сите луѓе, на сите нивоа и сите земји да користат јазик што е соодветен, а не јазик што доведува до негативни конотации.“– Мајкл Рајан – извршен директор на СЗО.

Во меѓувреме, кинеските научници открија нов вирус, сличен на свинскиот грип. Според пишувањата на БиБиСи, десетици лица кои работат на фарми со свињи и кланици се заразени, а засега нема докази дека се пренесува од човек на човек.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.