Се укинува додатокот за трето дете, ќе се замени со еднократна помош

Наместо надомест од 8.362 денари месечно, 10 години по ред, семејствата во кои ќе се роди трето дете од следната година ќе добиваат еднократна помош од 60.000 денари. Владата предлага измени во Законот за социјална и детска заштита со кои парична помош ќе добива секое новороденче. Од Министерството за труд уверуваат дека додатокот не се укинува туку се проширува правото на користење парична помош а парите се насочуваат кон вистинските групи граѓани.

Мерката не се укинува, тврдам дека се трансформира, воведуваме праведно право за демографски развој, додаваме право за прво, второ и трето дете за да нема дискриминација. Дополнително граѓаните што се во социјален ризик имаат право на детски и образовен додаток, вели министерката Царовска.

За додаток за трето дете лани државата издвоила повеке од 42 милиони евра, но мерката не го зголеми наталитетот како што се очекуваше кога се донесе во 2009. Наместо да се помага на многудетни сиромашни семејства, вели Царовска, државата со овој додаток помага и семејства со огромни приходи.

Оваа мерка во 10 години не дала никаков ефект, парите сме ги фрлиле во бунар. Во 2001 наталитетот бил 13,3 а во 2016 11,1 % значи таа инвестиција ниту е одржлива ниту исплатлива. Ние сме инвестирале во семејства што не се во социјален ризик и деца што не се загрозени. Таа мерка немаше лимит. Семејство со 200.000 денари и без приходи можеше да го оствари ова право и така се создава неправедност, тврди Царовска.

За 9 години за надоместок за трето и четврто дете државата потрошила  безмалку 208 милиони евра. Иако бројот на новородени деца од година во година паѓа, сумата што за оваа намена се издвојувала од буџетот била во постојан раст. Првата година кога почнала исплатата на биле исплатени 4,2 милиони евра а во 2017 помошта е 10 пати поголема.

Во моментов правото на надоместок за трето односно четврто дете го имаат стекнато 26.000 семејства и тие ќе продолжат да примаат додаток се дури не заврши предвидениот период од 10 односно 15 години. Ќе важи и за тие што во следните 10 месеци ќе останат бремени зашто средствата ги планирале, потврди министерката.

Во насока на зголемување на наталитетот, италијанската влада најави бесплатно обработливо земјиште во руралните делови од земјата за семејствата што ќе се одлучат за трето дете, а во Албанија еднократната помош за првородено дете ќе изнесува 3.150 евра, а за второ и трето дете од 6.300 до 9.450 евра.

You May Also Like