Се создаваат услови за поголемо производство на енергија од обновливи извори

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев и министерот за економија м-р Крешник Бектеши, учествуваа на јавната расправа, на која беа презентирани предлог текстовите на Правилникот за обновливи извори на енергија и Уредбата за мерките за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, подзаконски акти кои произлегуваат од новиот Закон за енергетика.

„Со Правилникот се воведува нова катергорија корисник-производител, односно се дава можност да секое домаќинство или компанија да стане и производител на електрична енергија. Домаќинствата или малите погони, може да инсталираат фотоволтаични панели, и на тој начин освен што ќе ја користат електричната енергија за сопствени потреби, односно се потрошувачи, ќе може да станат и производители на електрична енергија. Очекуваме голем интерес кај домаќинствата и стопанствениците, со што ќе се придонесе за заштеди во домаќинствата и поекономично работење на компаниите, како и поголема инсталирана моќност во Република Македонија“, нагласи Анѓушев.

Владата на Република Македонија веќе има одредени парцели државно земјиште, кое ќе биде урбанизирано и ќе се направат напори да се овозможи приклучок на електропреносната мрежа, а потоа на транспарентен начин ќе се овозможи на сите инвеститори да аплицираат за изградба на фотонапонски централи на овие парцели. За да биде задоволен интересот на сите инвеститори, ќе се распишат аукции и за фотонапонски централи со моќност од 10 мегавати или повеќе, но и за помали централи со моќност од 1, 2 или 3 мегавати.

Министерот Бектеши потенцираше дека Владата силно се залага за промоција на користењето на обновливите извори на енергија и создавање на услови за поголемо вклучување во користењето на овие извори.

„Врз основа на анализите на техничко-технолошките услови, начинот за приклучување и начинот за користење и пристапот на електро-дистрибутиниот систем на оваа јавна расправа понудивме решение со кое домаќинствата-потрошувачи може да произведуваат електрична енергија од обновливи извори на енергија за сопствена потрошувачка, а вишокот да го предаваат во електро-дистрибутивната мрежа. Со ова се дава можност на граѓаните, како и на фирми, кои се мали потрошувачи на електрична енергија и на буџетските корисници да инсталираат соодветни панели и да произведуваат електрична енергија за сопствени потреби“, кажа Бектеши.

You May Also Like