ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека водат разговори за формирање нова влада

Разговорите за формирање ново парламентарно мнозинство течат, но партиите воздржани во информирањето за деталите. СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во трка да обезбедат поддршка од 61 пратеник неопходни за да се стигне до мандатот за влада.

Информациите кои синоќа ги објавија дел од медиумите на албански јазик дека ВМРО ДПМНЕ и ДУИ се на чекор од формирање влада со договор за рамноправна поделба на мандатот на позицијата премиер не добија потврда од ниту една од инволвираните страни. Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи ги демантираше објавите истакнувајќи дека интегративците засега немаат договор за влада ниту со ВМРО ДПМНЕ, ниту со СДСМ.

Од ВМРО ДПМНЕ велат работат на формирање мнозинство, а дека информациите кои се од непотврдени и неидентификувани извори нема ниту да ги демантираат ниту да ги потврдат. Но, и велат СДСМ со конкретни информации да ги потврди тврдењата дека имаат обезбедено мнозинство

„СДСМ да објават со кои партии имаат формирано парламентарно мнозинство, кои се коалиционите партнери на СДСМ, да изнесат детали, бидејќи зборовите кои што можевме вчера да ги видиме од нивна страна во медиумите, односно од нивни извори „СДСМ има мнозинство“ не се доволни за формирање на влада, туку треба 61 пратеник да се согласи на тоа“, вели портпаролот на ВМРО ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Додека извор од највисокото раководство на СДСМ за дел од медиумите тврди дека партијата веќе го има потребното мнозинство. Официјално од СДСМ преку соопштение велат дека се водат сериозни преговори во кои приоритет е борбата против криминалот и корупцијата.

„Задача на новата влада е да обезбеди ред и дисциплина во сите институции и да расчисти со криминалот и корупцијата на сите нивоа, без разлика дали некој доаѓа од партија, од општина, од институција, дали е експерт, функционер, познат или непознат. Заеднички ќе биде договорен систем за проверка на потеклото на парите и на капиталот кај секој функционер. За раководителите кај кои е утврдено нечесно работење следуваат санкции“, се вели во соопштението од СДСМ.

Сличен став пренел и партискиот лидер, Заев на средба со германската амбасадорка Анке Холштај. СДСМ води сериозни разговори за формирање на ново стабилно парламентарно мнозинство и нова влада која ќе работи во интерес на граѓаните, истакнал Заев во разговорот со германската амбасадорка.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.