САД формираат воена коалиција против Иран и Јемен

САД планираат формирање воена коалиција со сојузниците за обезбедување на водите во Персискиот Залив, каде што, според обвинувањата од Вашингтон, Иран и проиранските групи извршуваат напади. Планот, кој е финализиран во изминатите денови, предвидува САД да обезбедат командни бродови и разузнавачки операции за воената коалиција во водите во близината на Иран и на Јемен. Сојузниците би требало да патролираат во близината на овие американски командни бродови и да ги придружуваат трговските бродови.
Генералот Џозеф Данфорд, кој е началник на Генералштабот на американската војска, пред новинарите го објави планот, како и напорите на Вашингтон за формирање коалиција.

– Ангажирани сме со повеќе земји за да видиме дали можеме да формираме коалиција што би ја обезбедила слободата на пловење во Ормутскиот Теснец, како и во теснецот Баб ал-Мандаб. Сметам дека во наредните неколку недели ќе ги идентификуваме земјите што имаат политичка волја да ја поддржат иницијативата, а потоа директно ќе соработуваме со армиите, за да ги идентификуваме специфичните капацитети што ќе го поддржуваат сето тоа – истакна Данфорд.

Иран одамна се заканува дека ќе го затвори Ормутскиот Теснец, низ кој поминува речиси 20 отсто од светската нафта, доколку не може да ја извезува својата нафта, што администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп се обидува да го спроведе како начин за вршење притисок врз Техеран повторно да почне преговори за иранската нуклеарна програма. Но американскиот предлог за меѓународна коалиција за заштита на пловидбата во двата теснеци сѐ повеќе се актуализира по неодамнешните напади врз танкери со нафта во Персискиот Залив. Иако американски претставници јавно зборуваа за плановите за обезбедување на Ормутскиот Теснец, вклучувањето на Јемен е нов елемент. САД, исто како и Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати, долго време негодуваат поради нападите од проиранските бунтовници Хути во теснецот Баб ал-Мандаб, кој го поврзува Црвено Море со Аденскиот Залив и Арапско Море. Речиси четири милиони барели нафта секојдневно се испорачуваат до Европа, САД и Азија преку Бад ал-Мандаб.

Според американскиот генерал, третиот дел од мисијата би вклучувал бродови на коалициските партнери што би ги придружувале трговските бродови од нивните земји.
– Очекувањата се дека патролирањето и придружбата ќе бидат сторени од други земји – додаде Данфорд.

Тој исто така истакна дека големината на кампањата може да биде изменета, во зависност од бројот на земјите што се вклучени во неа.

– Со мал број учесници ќе имаме мала мисија. Ќе го прошириме тоа како што сѐ повеќе ќе се пријавуваат и други земји што сакаат да учествуваат – порача Данфорд.
САД минатиот месец го обвинија Иран дека стои зад нападите врз два танкера во Оманскиот Залив, обвинувања што Техеран енергично ги отфрла. Претходно, во мај четири танкери исто така беа цел на напади во Персискиот Залив. Само неколку дена по минатомесечните напади, иранската војска во Заливот собори американско воено беспилотно летало. Техеран соопшти дека беспилотното летало навлегло во иранскиот воздушен простор и оти неговото соборување ќе испрати јасна порака до САД. Од друга страна, Вашингтон инсистира дека дронот летал над меѓународни води, а по инцидентот, претседателот Трамп порача дека Иран направи многу голема грешка.

Експертите, сепак, оценуваат дека се мали шансите за нова „танкерска војна“ во регионот, како онаа во 1980-тите, во текот на воениот конфликт помеѓу Иран и Ирак.
– Не гледаме антибродска кампања, туку сигнализирачка кампања. Иранците им сигнализираат на Американците дека може да ја ескалираат ситуацијата – истакнува аналитичарот Мартин Навиас.

Сепак, според него, опасностите од отворен конфликт се реални.
– Ваквата ситуација е полна со најразлични можности – заклучува Навиас.


Германија го одби американското барање за испраќање војници во Сирија

Германската влада го одби барањето на САД за испраќање германски војници за помош на сириските Курди, додека трае процесот на постепено повлекување на американскиот воен контингент од Сирија.
– Германската влада ќе се придржува до тековните мерки во коалицијата против Исламската држава, што значи и отсуство на копнена војска, како што е веќе добро познато – изјави Стефан Зајберт, портпаролот на германската влада.
За формалната молба за испраќање германски војници во Сирија прв проговори Џејмс Џефри, специјалниот американски претставник за оваа блискоисточна земја, во интервјуто за „Велт ам зонтаг“ од 7 јули. Џефри порача дека САД сакаат германската копнена војска делумно да ги замени американските војници.
– Неопходна е одредена меѓународна помош за обезбедување на воздушните операции, логистика, обука и техничка помош – порача американскиот дипломат. Според Џефри, германските војници не би требало да учествуваат во директните операции со остатоците од Исламската држава, но ќе треба да се штитат себеси во случај на напад.


Техеран бара компензација од европските држави

Иранскиот амбасадор во Обединетите нации, Маџид Такт Раванчи, изјави дека европските држави мора да сторат повеќе за да ја надоместат економската штета на Иран од американските санкции, а во спротивно Техеран ќе продолжи да ги надминува ограничувањата за производство на нуклеарно гориво. Раванчи, сепак, порача дека Иран засега не се повлекува од нуклеарниот договор што беше потпишан со светските сили во 2015 година.
– Засега остануваме во договорот и ги повикуваме и другите да останат. Но Иран ќе премине во „третата фаза“ од својата програма за интензивирање на збогатувањето ураниум доколку Европејците не го исполнат ветувањето за економски поволности од договорот. Очигледно, покрај САД, и Европејците не се на висина на задачата и досега не ги почитуваат своите обврски – истакна иранскиот амбасадор.
Европската Унија се обидува преку нов систем за трансакции да ја продолжи трговијата со Иран, заобиколувајќи ги американските санкции. Но системот неодамна беше активиран, а европските компании се двоумат да тргуваат со Иран, поради ризикот од одмазда од САД.
Раванчи исто така додаде дека преговорите со Вашингтон не може да продолжат сѐ додека администрацијата на Доналд Трамп не ги укине санкциите против иранската држава.

Please follow and like us:

You May Also Like