Родителите сè уште не веруваат во квалитетот на вакцините

Прогласената епидемија на морбили (МРП), односно мали сипаници и донесената времена мерка од Министерството за здравство со која се забранува децата што не се вакцинирани за оваа болест да се носат во градинките во главниот град, предизвика лавина од реакции на социјалните мрежи. Кампањата на здравствените власти да се вакцинираат децата, за да не се зголеми бројот на нови случаи со мали сипаници и последиците од нив, кај родителите што не ги имаат вакцинирано своите деца со МРП предизвика револт. Многумина од нив коментираат дека не ги однеле децата во градинка вчера, знаат дека тоа не е решение, меѓутоа потенцираат дека немаат верба во квалитетот на вакцините. Исплашени се од последиците што може да ги предизвика вакцината посочувајќи на појавата на аутизам кај децата. Се организираат да излезат на протести и бараат од надлежните да ја повлечат одлуката за вакцинирање. Оние што не се вакцинирани со МРП, не биле примени во градинките, додека оние што неодамна ги вакцинирале, воспитувачките им побарале копија од картонот на примени вакцини. Меѓутоа, има и загрижени родители што се плашат епидемијата да не се прошири и сметаат дека со вакцинација ќе ги заштитат децата.

„Моето дете вчера не го примија во градинка бидејќи не е вакцинирано со МРП вакцината. Никој нема да ме натера да го вакцинирам. Мора да организираме протест против ваквата одлука и притисокот за вакцинирање со МРП вакцината. Ме плаши фактот дека многумина ќе се откажат од борбата и ќе ги вакцинираат децата“, вели Весна, мајка на невакцинирано дете.

„Штом почнаа со забрани во градинките, ќе следуваат и училиштата, доколку не успеат да исплашат доволен број родители во Скопје и доколку не ги дотрошат МРП вакцините што им останале. Надлежните ова го прават со цел потоа на раат да си направат нов тендер“, посочува Томе, татко на четиригодишно дете.

„Јас ја вакцинирав ќерка ми, ама со мерката не се согласувам, не е коректна. Секое дете има право на образование и нега. Од друга страна, ниту еден доктор писмено не потпишува и потврдува дека детето нема да има нуспојави од вакцината“, реагира Анита.

„Јас сум за вакцинација бидејќи на тој начин го заштитувам самото дете од заразна болест, односно ако ја има ќе ја помине со полесна клиничка слика. Со вакцинирањето родителот покажува дека е одговорен и за своите деца и за останатите деца. Ова се болести кои се заразни и лесно можат да се рашират во епидемија и во ваков случај мора да сме свесни за последиците. Епилогот може да биде трагичен, како што и веќе се случува во други држави каде што има десетици смртни случаи и затоа мора секој од нас да постапува одговорно и совесно“, искоментира Снежана.

Директорката на Државниот здравствен и санитарен инспекторат Ирена Бухова вели дека уште во средата се доставени решенија до градинките со кои се бара од директорите да забранат згрижување на деца што не се имунизирани со вакцина против морбили, рубеола и паротит позната како МРП, согласно задолжителниот календар за имунизација. Наедно, да се изврши проверка на вакциналниот статус на децата и доколку не се вакцинирани со МРП да се спроведе дезинфекција и проветрување на просториите.

„Издадени се решенија на 21 државна градинка и пет приватни. Решението мора да гласи на правното лице и на раководителот, за да имаме на кого да ја упатиме санкцијата. Вчера санитарните инспектори излегоа во контрола на градинките. Таму каде што беа инспекторите нема отстапување по решението, не се примени деца што не се вакцинирани. Некаде има отпор, што е и очекувано, но на големи проблеми воопшто не наидуваме, а и не се исконтролирани сите градинки. Продолжуваме и в петок со контролите“, вели Бухова.

Директорката на градинката „13 Ноември“ во Општина Центар, Ружица Биџовска, вели дека невакцинираните деца од вчера не ги згрижувале.

„Постапуваме по решението, невакцинираните деца не ги примаме. Голем дел од родителите се свесни за ситуацијата, не ги ни донесоа во градинка по прогласувањето епидемија. Преземени се сите мерки за хигиена по наредбата на ДЗСИ“, рече Биџовска.

Во средата беа потврдени шест нови случаи на заразени со морбили, а регистрирани беа уште шест сомнителни, од нив кај две лица резултатите од лабораториската анализа се негативни, а кај едно дете се прават дополнителни испитувања, за кое лекарите се сомневаат дека има мали сипаници. Досега во Скопје има 13 докажани случаи на морбили со оние седум од пред Нова година во населбата Радишани. Од Министерството за здравство подвлекуваат дека во поликлиниките во главниот град до вчера попладне вакцинирани се вкупно 371 дете. Уверуваат дека МРП вакцината е висококвалитетна, а производител е компанијата „Глаксо Смит Клајн“ (GlaxoSmithKline) од Белгија. Министерот Венко Филипче тврди дека вакцината е квалитетна.

„МРП вакцината е квалитетна, а стравот кај родителите е неоправдан. Со невакцинирањето се загрозува здравјето на населението. Загрижува бројката на невакцинирани деца. Во случај на епидемија, како што е сега, се постапува согласно Законот за заштита на население од заразни болести. Сè уште е во сила наредбата децата што не се невакцинирани да не се примаат во детските градинки, со цел да се спречи ризикот од ширењето на епидемијата“, вели Филипче за „Независен“.

Заразените ја немаат примено вакцината МРП. Епидемиологот Владимир Микиќ од Институтот за јавно здравје истакна дека малите сипаници можат да бидат сериозно заболување.

„Вакцината МРП што се користи во Македонија е апсолутно безбедна и од реномирани производители, така што нема место за никаков сомневање во однос на квалитетот на вакцината и ефикасноста. Родителите треба да размислат кој ризик го преземаат кога одлучуваат да не ги вакцинираат своите деца“, додаде Микиќ.

Надлежните излегоа и со информација дека казните за невакцинирање на децата се движат од 350 до 650 евра. Инаку, последните контроли на терен од пред пет дена на Институтот и центрите за јавно здравје покажаа дека само во Скопје 15.000 деца на возраст до 14 години не се вакцинирани со МРП вакцината. Алармот за вакцинација здравствените власти го вклучија зашто последнава епидемија од морбили е четврта за една година, по онаа во Радишани кога беа заразени 7 лица, па во Дебар кога заболеа 20 лица, и општината Сарај каде што имаше заболени три лица. Надлежните објаснија дека едно заразено лице може да зарази дури дваесетина други.

Please follow and like us:

You May Also Like