Ременски: Вработените во УБК за кои СЈО води истраги не се единствените кои треба да одговараат

Новиот Закон за Агенцијата за национална безбедност што треба да ја замени досегашната УБК денеска беше усвоен во Собранието со 91 глас.

Амандаманите кои ги поднесоа двајцата потпретседатели на СДСМ Фросина Ременски и Мухамед Зеќири, а со кои се бараше поранешните кадри на УБК кои се компромитирале и ги злоупотребувале ресурсите на агенцијата за партиски потреби, да не бидат вдомувани во администрацијата не беа прифатени. За ВМРО ДПМНЕ ова решение беше прифатливо.

Селекцијата на кадрите кои ќе работат во новата Агенција ќе ја врши комисија која ќе биде составена  од седум члена: двајца членови од МВР, двајца од Синдикатот, директорот на Националната агенција и двајца пратеници – по еден од власта и од опозицијата кои ќе бидат предложени од собраниската Комисија за надзор над работата на Управата за безбедност и контраразузнавање и на Агенцијата за разузнавање.

„Многу неодговорени прашања останаа за да кажеме дека реформата е успешна. Доколку ги добиевме одговорите на прашањата кој ќе ги реформира реформаторите може ќе бевме сигурни и за целокупниот кредибилитет на луѓето кои ќе вршат таа работа. Не добивме одговор кои се помагателите на хаваријата и кршењето на човековите права. Ако ги гледаме само обвинетите во предметите на СЈО пред суд, јас не мислам дека тие се единствено одговорни, туку имале и помагатели. Кои се креаторите на политичките монтирани процеси. Без одговор на овие прашања нема вистинска селекција“ кажа Фросина Ременски од СДСМ.

Пратеникот Мухамед Зеќири кажа дека по барање на ВМРО-ДПМНЕ,  било договорено политички партии да учествуваат во селекција на лица од УБК што ќе бидат вработени во Агенцијата. Пратеникот вели дека ова може само да влијае на партизираноста во институцијата.

„Тоа не е логично. УБК има околу 800 вработени, а по трансформацијата во Агенцијата ќе останат околу 350. Ќе се селектираат вработени без критериуми и што не ги исполнуваат условите. Има еден куп криминалци во УБК од време на ВМРО-ДПМНЕ, како Нинџа и компанија, па место да ги избркаат, ќе најдат место за нив во администрација“ рече Зеќири.

Пратеникот од  ВМРО ДПМНЕ Емил Димитриев е задоволен што нивните амандмани биле прифатени.

На новинарска констатација дека дел од кадрите во УБК беа вклучени во масовното прислушување и во нападот во Собранието, Димитриев кажа дека „досега менаџментот требало да ја среди Управата и иикој не го спречувал да го направи тоа“.

Изгласан новиот закон за УБК:Комисијата која ќе одлучува кои од вработените во УБК, ќе работат и во новата Агенција ќе го испитуваа работењето на вработените во тајната полиција во последните 5 години.
УБК изминативе години стана синоним за злоупотреба на човековите права – вработени во тајната полиција прислушуваа илјадници граѓани,  беа ангажирани лица со криминално минато, а врвот на тајната полиција учествуваше и во организирање на насилниот упад во Собранието на 27 април.
Please follow and like us:

You May Also Like