ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Ременски во „Меѓународен сојуз“: Дали и политичарите треба да одговараат за заблуда поради неисполнети ветувања?

Ако поддршката за некого е кривично дело, во истиот момент можам да се пријавам за уште 15 поддршки кои отворено сум ги дала за проекти и активности, порача Фросина Ременски во нејзините воведни зборови во случајот „Меѓународен сојуз“ каде што е обвинета за помагање на измама.

Измамата, според обвинителството, се однесува на тоа дека двајцата бизнисмени Силјан Мицевски и Ардиан Амзоски биле измамени со проект за Европски центар за возрасни лица и мобилен сервис и дале околу еден милион евра. Улогата на сѐ уште актуелната пратеничка, пак, била што одела на состаноци со Бојан Јовановски, му давала совети и го искористила угледот и влијанието за да се доведат во заблуда бизнисмените дека зад проектите стои власта.

Ако се оди според таа логика на обвинителството, според Ременски, 80 проценти од пратениците во овој, минатите и во идните собраниски состави би требало да се најдат на обвинителна клупа.

„Ќе докажеме дека општествената обврска на граѓаните и сите избрани и именувани функционери, од локално до централно ниво и сите органи, имаат обврска и должност да поддржат идеја во интерес на граѓаните”,

рече Ременски.

Таа настапи и со тези дека ако се направи само статистички преглед, нема невладина организација која е субјект во судска постапка, како што нема ниту судење или истрага за некој авторски проект алудирајќи на проектот за Европски центар.

„Ако само овој авторски проект на авторката која е сведок е предмет на истрага и судска постапка, би го запрашала јавното обвинителство дали не наоѓа за сходно да ги истражи авторските проекти и хонорари од 15,3 милиони евра од Буџетот за Скопје 2014? Дали тоа не е општествен интерес, прашање е сега”,

рече Ременски.

Таа го коментираше и делот од обвинението каде што се вели дека бизнисмените биле доведени во заблуда со проектот, па во тој контекст праша и дали политичарите треба да одговараат за истото.

„Ако зборуваме за заблудите, можеби ова се последните денови кога се обраќам како пратеник, па дали ние политичарите треба да одговараме за доведување во заблуда на граѓаните, нереализирани изборни ветувања кои ги промовираме преку изборни кампањи? Дали нереализацијата на програми ако се доведе во ваков кривично правен контекст не е доведување во заблуда на граѓаните? Ако е така, јас лично и персонално како творец на изборната програма на СДСМ во 2016 во сферата на безбедност имам за што да се пофалам во однос на реформите, но и за што да се пријавам затоа што сум зборувала за вистинска борба против криминалот“,

.

Пред неа, воведни зборови даде и Јасна Ерцеговиќ-Мандиќ, која како заменик-претседателка на „Меѓународниот сојуз“ е обвинета за помагање во делата измама и перење пари.

„Кои се моите дејствија кои се квалификувани како криминал и кои мои активности довеле до измамата? Ниту едно мое постапување, ниту една моја активност нема врска со квалификациите“,

Таа рече дека е емотивно врзана за овој проект, па сподели и детали дека фирмите „Пелистер“ и „Дрим билдинг“ во Европските центар за возрасни требало да вработат минимум 20 лица со попреченост, а дел од капацитетите да им ги отстапат на општините.

Нејзиниот адвокат, Стеван Павлески, пак, во дел од воведните зборови настапи и со тезата дека е можно и неговата клиентка да била измамена како што се тврди и за бизнисмените. Членови на невладината „Меѓународен сојуз“ биле и член на МАНУ, судијка и други видни личности, нагласи тој.

„Зошто е недопуштено Јасна да биде третирана како сите нив? Да биде доведена во заблуда како и сите тие“,

рече адвокатот.

Денеска воведни зборови даде и Бојан Јовановски-Боки 13, како првообвинет за измама и перење пари. Неговата асистентка, Христина Блажевска и таткото Миле Јовановски, пак, не дадоа воведни зборови и останаа само на оние кои на минатото рочиште ги даде адвокатот Сашко Дукоски. Тогаш, со воведни зборови настапи и обвинителката Вилма Русковска која случајот со измамата го нарече врв на еден криминален девијантен ум.

По околу еден месец пауза, на 26 август, судскиот процес ќе продолжи и за тогаш судијката Софче Гаврилова-Ефремова најави дека ќе се повикаат бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски како оштетени да кажат дали имаат имотно-правни побарување. Тие понатаму ќе се сослушаат и како сведоци во случајот.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.