Пуштен Коридорот 10: Од Скопје до Белград за три и пол часа, од Табановце до Хоргош за пет

Од Скопје до Белград за три и пол часа, од Табановце до Хоргош за околу пет часа. Завршен е јужниот крак од Коридорот 10 во Грделичка клисура што вечерва и официјално е пуштен во употреба. На свеченоста, покрај претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерката Ана Брнабиќ, претседателот на Република Српска, Милорад Додик и претставници на дипломатскиот кор кај северниот сосед, присуствуваше и премиерот на Северна Македонија, Зоран Заев и министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески.

„Така е кога се работи вредно и посветено. Од Скопје до Белград сега ќе се патува за три и пол часа. Автопатот е од големо значење не само за Србија туку и за Северна Македонија, но и за целиот регион“, рече меѓудругото Зоран Заев на церемонијата под мостот кај Владичин Хан што за цело време беше осветлен во српските национални бои (бела, црвена, сина).

Заев притоа нагласи дека е завршена една од најтешките делници на автопатот што изгледа модерно. Јужниот крај од Коридорот 10 притоа го оцени како прилика за потврда на големото пријателство меѓу двете земји и дека Северна Македонија се радува на успешните и величествени потфати на сите соседи.

„Ова е голем ден за нас. Се воодушевувам на сите што во изминатите години вложија исклучителни напори за совладување на природата и сите пречки во Грделичка клисура и во неа да се изгради единствена сообраќајница што е од посебна и непроценлива вредност. Автопатот, пред се, ќе има големо значење за развојот на регионот, за нови инвестиции, за отворање на нови фабрики и за вработување. Никој не може да ме убеди дека нашите патишта се полоши од оние во Германија и Швајцарија“, истакна српскиот претседател Вучиќ.

Јужниот крај од Коридорот 10 е во должина од 26,3 километри. Дел е од паневропскиот сообраќаен коридор што ги спојува Салцбург во Австрија и Велес во Македонија. Неговата изградба почна во 1970 година, а роковите за изградба во неколку наврати се пробиваа. Активностите во Грделичка клисура стартуваа во 2013 година и бараа најмногу време бидејќи на делницата има преку 30 моста и два тунела од кои тунелот „Манајле“ е најдолг во Србија.

Делницата низ бројки изгледа вака: совладани се девет косини, пробиени се два тунела и изградени се 36 моста. Вредноста на јужниот крак од Коридор 10 е 350 милиони евра, средства што во најголем дел се обезбедени со кредити од Светска банка и Европската инвестициска банка. Србија паралелно го гради и источниот крак од Коридорот 10 до Бугарија, кај Димировград што, според најавите, ќе биде готов до есен.

Автопатот е опремен со најмодерна сигнализација, а брзината на движење е ограничена на 80 км./ч., но возењето не смее да биде и побавно од 30 км./ч. Низ целата должина е обележан со т.н. вибралинии чија функција е држење на будност на возачите. Времето за минување на делницата низ Грделичка клисура е 20 минути, ограничувањето на тој дел е 100 км./ч. и до границата со Северна Македонија има околу 60 километри.

Please follow and like us:

You May Also Like