Путин: Русија ќе направи сѐ што треба за да го јакне својот воен потенцијал (ВИДЕО)

Рускиот претседател Владимир Путин денес во говорот на Парадата на победата на Црвениот плоштад кажа дека пораките од Втората светска војна се и понатаму актуелни и дека Русија ќе направи сѐ што е потребно за да го јакне својот воен потенцијал. Тој ја повика меѓународната заедница да формира единствен безбедносен систем за спротивставување на заканите.

Честитајќи го Денот на победата како „ден на победа и тага“, рускиот претседател кажа дека во историјата на Русија имало многу херојски подвизи, но дека победата над нацизмот зазема посебно место.

„Со секоја година ја чувствуваме моќта на големиот подвиг и триумфот на нашиот народ. Токму тој ја одбрани татковината и стана ослободител на народите на Европа“, им кажа Путин на учесниците на Парадата.

Како што истакна, на страшната сила на нацизмот ѝ се покориле многу држави, а мислеле дека можат за неколку недели да го прегазат и Советскиот Сојуз – илјадагодишната историска Русија. Не им успеало.

Според рускиот претседател, победата во Втората светска војна ја ковал целиот народ, се бореле до последен човек, а војничката порака „Умираме, но не се предаваме“ не е заборавена. Половина од борците, како што истакна Путин, немале повеќе од 25 години.

„Војниците не го жалеле својот живот за слободата на земјата. Никогаш нема да ги заборавиме нивните храброст и самопожртвување“, порача Путин.

Тој потсети на големите битки кај Сталинград, Курск, битката кај Смоленск, Одеса, Севастопол, опсадата на Ленинград. „Да, при уништувачката инвазија на непријателот на нашата територија имаше и порази и загуби, но тоа не ја скрши Русија“, додаде рускиот претседател.

„Меѓутоа, сведоци сме дека низа земји свесно ги искривуваат настаните од времето на војната, дека оние кои заборавиле на човечноста бесрамно ги лажат своите деца“, додаде Путин.

„Наша света должност е да ги заштитиме вистинските херои. Живеете во различни земји, но подвигот кој заедно го извршивме невозможно е да се подели. Секогаш ќе ви оддаваме почит на сите вас и на Победата која беше и остана една за сите“, порача Путин.

Истакнувајќи дека пораките од војната се актуелни, тој истакна дека Русија ќе направи сѐ за да го обезбеди воениот потенцијал на земјата и престижот на воените служби и бранителите на татковината.

„Истовремено, Русија е отворена за соработка со сите кои се спремни да им се спротивстават на екстремизмот и тероризмот“, кажа рускиот претседател и ја повика меѓународната заедница да формира единствен систем за безбедност за да се спротивстави на заканите. „Ги повикуваме сите земји да станат свесни за заедничката безбедност“.

На крајот порача: „Ништо не заборавивме и му оддаваме почит на подвигот на војниците на Победата. Слава на народот победник“.

Please follow and like us:

You May Also Like