Прогресивно оданочување: Се воведува дополнителен данок за плати над 90 илјади денари

Владата воведува прогресивен данок. Од наредната година граѓаните со месечен приход над 1.500 евра ќе плаќаат 18 проценти персоналец. Тие кои од плата, авторски договори, хонорари, остваруваат месечен приход над 90.000 денари ќе плаќаат 18 проценти персоналец, но само за сумата која е над оваа граница.

Додека тие кои имаат капиталните приходи, како приходи од кирии, дивиденди, капитални добивки, игри на среќа ќе плаќаат 15 проценти данок на приход. Најавеното даночување пак на каматите од депозитите, се одложува за во 2020 година.

„Ефектите од промените се такви што бруто плата од 140 000 денари месечно која моментално е еднаква 92 733 денари нето, по промената би била еднаква на нето плата од 92 444 денари. Дополнителниот данок за бруто плата од 140 000 денари месечно инесува 289 денари односно, 0.2% од бруто платата“ – изјави Драган Тевдовски, министер за финансии.

Со даночната реформа најавено е и зголемување на даночното ослободување на платите и пензиите, односно делот на кој не се плаќа данок, на 8.000 денари месечно.
Владата не очекува дека оваа реформа ќе го погоди бизнисот, ниту даночни ескивирања и префрлања на производствени погони во соседството. Тевдовски вели целта е да се исправи неправдата. Македонија е прва во Европа по социјалната нееднаквост.

„Најдоходовните 1% од луѓето во Македонија во 2017 година, заработувале во просек по 4486 евра месечно. Ова е за 14.4 повеќе од просечниот доход на граѓаните во земјава. Ова ја става Македонија на прво место во Европа по социјалната нееднаквост. Корист од рамниот данок имаат само најбогатите, тој беше воведен во Македонија да им служи на малкумина кои заработуваат многукратно повеќе од најголемиот дел од граѓаните и тој им дозволи на богатите да се богатат уште повеќе оставајќи го мнозинството да се мачи да ги задоволи основните потреби за живот.“ – изјави Тевдовски.

Тевдовски посочи  дека рамниот данок е карактеристика на земјите од социјализмот, а праведниот се применува во најуспешните економиии во светот. Според пресметките на финании повисок персоналец од наредната година ќе плаќаат околу 40.000 граѓани. Владата со ова очекува прилив од 25 милиони евра во буџетот кои ќе се искористат за борба против сиромаштијата.

You May Also Like