Приведен возачот на автобусот кој вчера се преврте во близина на Лесковац

Неприлагодена брзина за условите на патот, односно веројатно околу 100 километри на час е причината за тешката несреќа на македонскиот автобус кој ноќта во неделата се преврте близу Лесковац, Србија при што загинаа три лица, а 32 се повредени, јавуваат српски медиуми, повикувајќи се на извори во истрагата. Според информациите во јавноста, возачот на автобусот е приведен во полициска станица под сомневање дека е одговорен за несреќата.
Денеска беше идентификувана и третата жртва во автобуската несреќа. Тоа е 63-годишната В.К од Кавадарци. Претходно беше утврден идентитетот на останатите две жртви, 68-годишна жена од Кочани со иницијали К.К и 68-годишен маж од крушевското село Бучин со иницијали В.Ш.
Вчера министерот за здравство Венко Филипче, ги посети повредените од превртениот автобус.

Во очекување на податоците на истрагата, сопственикот на компанијата вели дека возилото било технички исправно, и дека според возачот, до несреќата дошло кога тој се обидел да избегне друго возило. Истрагата официјално ја водат српските власти, а нивните наоди ги очекуваат и македонските. Од МВР велат за подетални информации за случајот надлежно е министерството за надворешни работи.
Алфа се обиде да добие информации од надлежните македонски институции за каква била состојбата на автобусот пред да тргне кон Виена и дали и кога бил на технички преглед и какви бил извештајот од прегледот.
Надлежните институции си ја префрлаат топката.
Од министерството за транспорт и врски за издавањето на лиценци на автобуските превозници велат дека техничките услови не се критериум за издавање на лиценца, тие како министерство ги издаваат лиценците според бројот на автобуси на компанијата, искуството на вработените, угледот на фирмата, додека пак техничкиот дел на автобуските и техничките станици се под ингеренција на МВР, а контрола за нив врши државниот инспекторат за транспорт.
Се уште го очекуваме ставот на МВР во врска со техничките прегледи и техничките станици кои се под нива капа.
Од државниот инспекторат за транспорт пак кој ни го посочија дека врши надзор велат дека тие се надлежни да ни дадат одговор за дали и кога бил извршен технички преглед автобусот на струшкиот превозник „Еуробус“.

Please follow and like us:

You May Also Like