Предизборни бранувања во пратеничките клупи

Најавата за распуштање на Собранието и распишувањето на предвремени парламентарни избори ги прегрупира силите во македонското Собрание. Се прават калкулации со пратеничките групи, се пополнуваат испразнети фотелји, се прават пазари за нови коалиции…

Откако ја напушти групата независни пратеници, кои беа исклучени од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ откако дадоа поддршка за уставни измени, пратеникот Зеќир Рамчиловиќ беше предложен за нов потпретседател на Собранието. Рамчиловиќ е предлог на пратеници од ДУИ и СДСМ, а на местото потпретседател на Собранието доаѓа по оставката на Весел Мемеди.

Претходно, Рамчиловиќ со допис го информирал претседателот на Собранието Талат Џафери дека од 1 ноември во Собранието ќе дејствува како независен пратеник.

И Емилија Александрова која е дел од независната осумка, за медиумите изјави дека разговараат со сите фактори, и потврди дека се на линија со опозицијата, која ги исклучи од нивната пратеничка група.

Прашана дали минатата недела се сретнале со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, пратеничката од Независната пратеничка група – Емилија Александрова, за ТВ21, рече дека „сите разговори вредат“, но потсети и дека и самиот Христијан Мицкоски во една прилика порача нешто во стилот „никогаш не вели никогаш“, односно дека „би бил несериозен ако ја отфрли можноста“ за враќање на овие пратеници во партијата.

Please follow and like us:

You May Also Like