Празнување на Божик во светот

Најголемиот христијански празник Божик се прославува ширум светот. Во најголемата православна заедница во Русија, богослужби се одржаа во дури 30 илјади цркви. Претседателот на Русија, Владимир Путин присуствуваше на божикната литургија во црквата Свето Преображение во Санкт Петербург во која и самиот е крстен, додека премиерот Димитри Медведев присуствуваше на литургија во Москва која ја служеше рускиот патријарх Кирил.

„Драги браќа и сестри. Божик е славење на нашиот Спасител кој дојде на светов да го обедини човештвото со Бог и да го спаси од грев. Со неговото раѓање, тој покажа дека не му се важни земските уверувања, дека не му пречи тоа што е сиромашен. Ги прифаќа скромните честитки од овчарите, исто како и големите дарови од побогатите. Со своето доаѓање на овој свет Христос имаше цел. Сакаше да ни каже нешто многу важно. Човечкото општество секогаш било склоно кон поделба на луѓето во категории, на среќни и несреќни, паметни и необразовани, богати и сиромашни. Ние, христијаните разбираме дека сите несовршености во светот се резултат на грев, па наместо да се бориме со последиците, треба да се концентрираме на коренот на проблемите. Ова е тоа што Спасителот сака да го разбереме. Сепак, невозможно е човекот сам да се избори со гревот. Му треба божественост. Затоа Спасителот ни го дава најдобриот подарок – себеси. Му дава можност на секој човек да се обедини со него“ – порача Патријархот Кирил.

Во Белорусија, литургија се служеше во Црквата на Светиот Дух во историскиот дел на Минск. Во Србија служеше патријархот Иринеј, во Молдавија илјадници верници се собраа на служба во Кишињев. Украинците го прославија првиот Божик со автокефална православна црква. За време на службата во Киев , верниците се молеа за мир во земјата.

Божик се славеше и во Етиопија, каде 60% од населението е христијанско. Во овој регион кој меѓу првите го прифатил христијанството уште пред 16 века, жените и мажите седат едни спроти други во храмовите, литургијата се служи на антички семитски јазик, а на божикната трпеза незаменливо е јагнето.

„Овде сум да го прославам раѓањето на Исус Христос кој се роди за да не спаси“ – вели верник од Етиопија.

„Му благодарам на Господ, што на моја возраст имам можност да го прославам овој посебен ден со моите деца и внуци. Оваа можност ме прави многу среќна“ – вели православна христијанка од Етиопија.

И покрај заканите од терористички напади, илјадници Копти присуствуваа на литургиите низ црквите во Египет. Масовна полноќна богослужба се одржа во Каиро на која присуствуваше и претседателот Абдел Фатах Ел Сиси.

„ Ние дојдовме овде за да се молиме. Не се плашиме од терористи или од нивните закани. Се молиме како и обично“ – вели верник од Александрија, Египет.

Грчкиот патријарх Теофилос Трети служеше литургија во Црквата на Христовото Раѓање во Витлеем, изградена на местото за кое верниците сметаат дека е местото на раѓање на Исус Христос. Патријархот при пристигнувањето беше исвиркан од локалното население поради скандалот во кој грчката православна црква продала црковно земјиште за изградба на еврејски населби во источен Ерусалим кој главно е населен со Палестинци.

Инаку, Божик се славеше и во Сирија. Антиохиската црква организираше литургии во Дамаск и разурнатиот Алепо.

You May Also Like