ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Почна исплатата на штедачите од Еуростандард банка: Банките не очекуваат проблеми

Обесштетувањето на лицата што имаат депозити до 30 илјади евра во Еуростандард банка што почна во банките се одвива тековно и без застои. Нема поголеми гужви од вообичаеното. Како што информираат од банките, исплатата се врши тековно и брзо, има мало задржување кај оние кај кои е потребно да се отвори сметка. Обесштетувањето се врши преку Комерцијална банка, НЛБ банка, Стопанска банка АД Скопје и Халкбанк. Депонентите имаат на располагање 36 месеци за да го остварат своето право.

Предмет на обесштетување се главнината на депозитот, договорената пресметана и припишана камата и непристигнатата камата до 12 август годинава. Во случај кога депонентот има обврски кон банката, вкупниот износ на депозити на депонентот што се предмет на обесштетување се намалува за износот на неговите вкупни обврски кон банката.

Во случај депонентот да има активни блокади евидентирани во Единствениот регистар на трансакциски сметки, банката-исплатувач независно од износот на обесштетување, нема да изврши готoвинска исплата на средствата за обесштетување и ќе отвори трансакциска сметка на име на депонентот на којашто ќе изврши пренос на средствата за обесштетување.

Нема да се исплаќаат депозитите на членовите на телата на банките и на големите акционери во Еуростандард банка, како и штедачите што имале повластени каматни стапки. Замрзнати ќе останат и парите кои се поврзани или се сомнителни за кривично дело перење на пари.

Стечајниот управник на Еуростандард банка, Душко Тодевски, информираше дека се раскинати сите договори за закуп на деловен простор во кои биле експозитурите на банката, но и дека целиот имот и документација се заштитени и се на сигурно.

Народната банка ја затвори Еуростанадард банка на 12 август годинава поради неисполнување минимални законски услови за работење. Треба да бидат обесштетени депозити во износ од околу 4,4 милијарди денари. 

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.