Потребно е враќање во реалноста, порача Папата во Скопје

Папата Франциск во Скопје им порача на насобраните верници дека е потребно враќање во реалноста од виртуелниот свет. Во својата неколку часовна посета тој се сретна со државно – владиниот врв, со верниците, со ранливи категории граѓани. Скопјани пак живееа под засилени безбедносни мерки.

Илјадници луѓе, трпеливо, со часови пред неговото пристигнување го чекаа папата Франциск на плоштадот Македонија. Додека да пристигне, верниците, голем дел од нив од Хрватска, Босна, Албанија пееја христијански песни и се молеа. Тој пристигна од куќата на Мајка Тереза со возилото наречено папамобил.

“Навикнати сме да го јадеме тврдиот леб на дезинформацијата и завршивме како затвореници на дискредитацијата, на етикетите и презирот. Се заситивме од поврзување и го загубивме вкусот на братството. Баравме брз и сигурен резултат и еве се наоѓаме совладани од нетрпеливоста и нервозата. Како затвореници на виртуелноста, го загубивме вкусот и мирисот на реалноста”, им порача папата на насобраните верници на плоштадот во Скопје.

Градот, пак, уште од утрината живееше под вонредни околности. На неколку пункта во центарот се прегледуваа сите работи што ги носат граѓаните кои сакаа да го следат обраќањето на папата Франциск, а покривите на околните згради беа полни со полицајци. Но и покрај силните мерки, граѓаните со трпеливост и љубопитност го следеа обраќањето на папата. Меѓу нив имаше и некои што патувале со километри за да ги чујат пораките на папата.

Мислам дека е огромна чест што не посети. Неговите пораки за заедништво и разбирање меѓу народите се универзални”, рече Никола Вета Џоковски.

“Особено сум среќна што можев во живо да ја видам, би рекла една од најомилените личности со одлични пораки”, вели Ема Вета Џоковска.

“Очекувам мир во светот и во нашите мали републики”, вели Бригита Консе која во Скопје допатува од Словенија.

82-годишниот свештеник, на аеродромот во Скопје го пречекаа претседателот Ѓорге Иванов и премиерот Зоран Заев придружени од владини претставници. Во вилата Водно, каде што папата одделно се сретна со двајцата македонски политичари и нивните семејства, порача дека мешавината на култури и етнички и религиозни идентитети, довеле до мирен и траен соживот.

“Вашата земја е пример за мирен соживот. Ова е важно за потикнување кон што побрзо интегрирање кон ЕУ”, рече папата.

Тој го истакна и напорот што го направила државата во прифаќањето на мигрантите од Блискиот исток за време на бегалската криза.

Претседателот Иванов, кој го завршува мандатот в недела, рече дека бил во искушение дали да зборува за славното минато, или, за сегашноста, но се одлучил за второто нарекувајќи ја сегашноста неизвесна.

“А вистината е дека Вие доаѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања, изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница”, рече Иванов.

На нивните обраќања во вилата Водно покрај владините претставници и дипломатскиот кор, присуствуваше и лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски и избраниот претседател Стево Пендаровски.Тој во Скопје допатува од Бугарија, каде што беше во дводневна посета. Во земјава ова е прва посета на папа и се смета дека доаѓа во важен политички момент за државата, која е на чекор пред полноправно членство во НАТО и очекува датум за преговори со ЕУ.

Please follow and like us:

You May Also Like