Повеќе повредени во судирите меѓу демонстрантите и полицијата во Тирана (ФОТО+ВИДЕО)

Повеќе десетици луѓе се повредени во саботата во Албанија, каде што опозициските демонстранти фрлаа молотови коктели на влезот на канцеларијата на премиерот Еди Рама, како продолжеток на тромесечните протести во кои повикуваат на негова оставка поради наводните измами на изборите и корупцијата.

Извикувајќи „Сакаме европска Албанија“, мото на про-демократските протести од периодот кога земјата го сруши комунизмот во 1990 година, демонстрантите од февруари повикуваат на предвремени избори, откако нивните претставници исто така ги прекинаа односите со парламентот.

Некои демонстранти фрлаа молотови коктели, петарди и боја на влезот на владината зграда, а подоцна и на зградата на парламентот.

Десетина полицајци и неколку демонстранти се повредени.

Шефот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша рече дека се „решени и понатаму да продолжат да водат поголема и поодлучна битка, сè додека владата ја држи Албанија одвоена од Европа“.

„Тука сме со задача да ја ослободиме Албанија од криминал и корупција, да ја направиме Албанија како и остатокот од Европа“, рече Баша пред неколку илјади собрани во Тирана.

Кога демонстрантите се преселија пред зградата на парламентот, групата продолжи да фрла молотови коктели и петарди, на што полицијата одговори со солзавец и водени топови.

По четири часа, демонстрантите се преселија пред полициската станица во знак на протест поради апсењата на официјални претставници на Демократската партија.

Оценувајќи ја политика на опозицијата како „слепа“, Рама истакна дека нивните напади не ѝ штетат на владата, туку на земјата.

Признавајќи го напредокот, Европската комисија ја препорача Албанија за започнување на пристапните преговори минатата година, но Европскиот совет ја одложи одлуката за јуни.

Од 2014 година, Албанија е официјален кандидат за членство во ЕУ, но оттогаш се наоѓа на чекање поради загриженоста на европските лидери за функционирањето на владеењето на правото, почитувањето на човековите и малцинските права, исполнувањето на демократските стандарди и грижата за заштита на околината.

Please follow and like us:

You May Also Like