ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

Петрески: Растот на минималецот не ги покачи другите плати

Просечната исплатена плата во декември лани изнесувала 26.836 денари, објави денеска Државниот завод за статистика. На годишно ниво статистичарите пресметале дека нето-платата забележала зголемување за 4,1 отсто во споредба со истиот период лани. Растот го генерирале секторите транспорт и складирање, објекти за сместување и услужни дејности со храна, како и градежништвото каде платите пораснале за идентични 12 отсто на годишно ниво.

Експерти од областа на финансиите коментираат дека растот на платите во јавниот, но и во приватниот сектор, се должи на намалувањето на невработеноста и поради проблемот со сè поголемиот дефицит на квалификуван кадар.

„Порастот на минималната плата многу малку или воопшто немал влијание врз порастот на останатите плати. Наместо таканаречената спирала на плати се довело до концентрација на платите кои се над минималната плата во и околу минималната плата, што доведува до ‘урамноловка’ помеѓу попродуктивните и помалку продуктивните  работници“, рече Благица Петрески, FINANCE THINK.

Состојбата со просечната плата беше доволна причина и за ново политичко препукување денеска меѓу власта и опозицијата. Според ВМРО-ДПМНЕ, извештајот на статистика е чиста манипулација со граѓаните, а единствено што покачила власта, според опозиционерите, се давачките и трошоците за живот. Но, од СДСМ тврдат дека растот на платите е благодарение на одговорните политики на власта.

Инаку, Словенците имаат највисоки просечни плати во регионот кои надминуваат 1.100 евра, со нешто над 900 се граѓаните на Хрватска. Пониска или речиси идентична просечна плата со Македонија има само во Албанија и е во висина од околу 430 евра.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.