Пендаровски без коментар за говорот на Иванов, вели дека е време да се сплотиме

Новоизбраниот претседател, Стево Пендаровски кој присуствуваше на обраќањето на Папата Франциск во претседателската вила на Водно, во изјава за ТВ24 вели дека ова е повод за сплотување, а власта и опозицијата да работат за она што е најважно, за државата и покрај политичките разлики.

-Ова се убави поводи да се сплотиме и оние стандардни политички разлики да ги ставиме на страна и навистина да се заложиме за она што ни е најважно, а тоа е нашата татковина, резервна татковина немаме, тука ќе останеме да живееме. Наспроти сите разлики кои ги имаме на политички план треба да се договориме околу некои битни работи, мислам дека на сите ни е најважно овде да живееме во мир, разбирање, со респект еден кон друг и се надевам дека од денеска натаму и ова ќе биде повод плус да размислиме на таа тема повеќе, изјави пендаровски за Телевизија 24.

Новоизбраниот претседател не сакаше да го коментира говорот на претседателот Иванов.

-Не би сакал да овој значаен настан за Македонија да го користиме за влез во дневна политика. Мислам дека треба да останеме на она што беше главна порака од папата, мислам дека во таа насока треба сите да се концентрираме, изјави Пендаровски.

Претходно, претседателот во заминување во својот говор пред папата се пожали дека доѓа во време кога македонското општество е длабоко поделено и со разнишана доверба во меѓународната заедница.

-Доѓате во време кога македонското општество е длабоко поделено, а македонската држава е тешко ранета поради прекршени ветувања и изневерени очекувања и разнишана доверба во меѓународната заедница. Децениската блокада на нашиот европски пат доведе до политички и морални кризи кои го намалија нашиот духовен имунитет и ги еродираа вистинските и трајните вредности. Црквата и џамијата служат за злоупотреби како граничници, тврдини за маркирање и бранење на замислени територии, како да се заборава дека сите ние сме луѓе без разлика на нашата вера – рече Иванов.

Please follow and like us:

You May Also Like