Оценки за Иванов: Говор на итрец, националист, груевист

Иванов практично понуди политиката во Македонија да се врати на позициите на груевизмот, велат аналитичари, и го критикуваат шефот на државата за двојни стандарди.

Доби аплаузи единствено од опозициската ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ и годинава го бојкотираше неговото обраќање, Владата оцени дека останал доследен само на определба да продолжи да ги дели граѓаните, а со сличен став се огласија и аналитичари. Ова е билансот по годишното обраќање на претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов, неколку месеци пред истекот на неговиот втор и последен мандат. Со изнесените ставови Иванов предизвика реакции кај владејачкото мнозинство за клучните политички теми. Главната критика ја насочи кон решавањето на спорот со Грција.

„Цената на ваквото решавање на македонското прашање е правно и историско поништување на македонскиот народ, бидејќи без македонски народ, идентитет и јазик, нема ни македонско прашање“, рече Претседателот.

Оцени дека Договорот од Преспа ѝ става крај на Република Македонија каква што ја знаеме и дека тој е донесен без национален консензус и без негово знаење и согласност.

„Прво се донесе таа штетна грчка спогодба, а дури потоа граѓаните беа прашани на референдум. Власта прво се согласи на промена на Уставот, а дури потоа изнудува 2/3 мнозинство, и тоа преку уцена на пратениците“, обвини шефот на државата.

Во тој контекст праша – која е разликата меѓу неговите помилувања и сегашната амнестија?

„Мојата цел беше помирување преку помилување, а вашата цел е обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување“, обвини Иванов, со став тоа ќе биде сведоштво за двојни стандарди, насилство против правдата и дека „без правда нема вистинско помирување“.

Претседателските критики не изостанаа ниту за Законот за употреба на јазиците, „Ако противуставниот закон за употреба на јазиците стапи на сила, тогаш Македонскиот веќе нема да биде lingua francaшто ќе го обединува македонското општество“, порача тој во обраќањето. Мета на критика беа и најавениот попис, образованието, економијата, загадениот воздух…

Иванов со двојни стандарди

И додека тој обвинуваше за двојни стандарди, аналитичари го критикуваат дека тој го прави истото.

„Иванов имаше пораки во кои се детектираат неговите двојни стандарди“, вели аналитичарот Сефер Тахири.

„Истакна дека се залага за членство во ЕУ и НАТО, дека верува оти ЕУ ќе донесе просперитет, а НАТО безбедност, но на сите можни начини се обиде да го попречува Преспанскиот договор, без кој интеграциите се невозможни.

Со противењето на Законот за јазици, Иванов покажа дека не е претседател на сите граѓани, односно и на Албанците, бидејќи неговите ставови се во спротивност на внатрешните интегративни процеси. Се обиде преку чиста манипулација да покаже дека унапредувањето на албанскиот јазик е загрозување на македонскиот јазик. Ако Иванов смета дека амнестијата на пратениците е со цел да се обезбеди поддршка за уставните измени за да се смени името ‘преку уценување’, тогаш истиот е сооучесник во оваа операција со неговиот експресен потпис за прогласување на законот“, укажува Тахири.

Забелешки има и за неговото укажување дека во земјата постои цензура во многу сфери.

„Ова е став кој доаѓа од претседател кој сите овие 12 години молчеше за сите форми и начини на врвна политичка контрола во сферата на медиумите, културата и општествена сфера, кои се реализира од страна на ВМРО- ДПМНЕ, партијата која го предлагаше Иванов. Единствена забелешка која може да се земе предвид од негова страна е барањето да се одржи попис, која нема да го негира правото на граѓаните да се произнесуваат за нивната етничка припадност“, констатира Тахири.

Please follow and like us:

You May Also Like