ТЕЛЕВИЗИЈА ЕДО

СЕКОГАШ СО ВАС

ОБИВИНУВАЊА И КОНТРАОБВИНУВАЊА ВО МВР

Изминатите две години поставивме стандарди во работата на полицијата, според кои таа не може и не смее да биде злоупотребувана од ниту една политичка партија, порача денеска дополнителниот заменик-министер за внатрешни работи Славјанка Петровска а во пресрет на предвремените парламентарни избори закажани за 12 април годинава.

 Петровска уште кажа дека со министерот Наќе Чулев се во коректни односи во интерес на граѓаните а претходните недоразбирања и отворени прашања се решаваат секојдневно. Сепак, предупреди таа, никој не смее да помисли на уривање на принципот на хиерархија во МВР и евентуално постоење на паралелни структури.

Реагираше ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата, времето на криминалната коалиција помеѓу полицијата и подземјето е завршено.

„Кога Петровска говори за професионалност во МВР таа мисли на ангажирањето на поранешниот началник на СВР Штип, сега обвинет за тежок криминал, како советник на Директорот на БЈБ. Кога Петровска зборува за професионалност во МВР мисли на Драган Симоновски, советникот на Спасовски кој заврши во притвор поради злоупотреба на ПИ- мерки за уцена и Лазе Велковски чија ќерка со службено возило замина на одмор во Грција“ – ВМРО-ДПМНЕ.

Не стивнуваат ниту препукувањата на релација СДСМ-ВМРО-ДПМНЕ околу последните кадровски решенија во МВР. Петровска денеска изјави дека останува на ставот дека Ристе Ставревски, човек, како што вели таа вмешан во изборни нерегуларности не може да биде началник на секторот за внатрешни работи Скопје.

Претходно, Орце Ѓеоргиевски од ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ поставува кадри за советници во БЈБ, луѓе обвинети за тежок криминал.

 Дополнителниот заменик-министер Славјанка Петровска уверува дека МВР ќе продолжи да ја гарантира безбедноста на граѓаните и е подготвено да обезбеди фер и демократски избори.

Please follow and like us:
Copyright © Едо телевизија. | Newsphere by AF themes.