Обвинителот Бубевски од СЈО: „Бомбите“ ќе се изведат како докази во сите предмети

Обвинителот од СЈО Гаврил Бубевски кој денеска присуствуваше на прославата за Денот на независноста во Градски парк, на новинарско прашање за тоа дали СЈО ќе ги предаде предметите на државното обвинителство одговори дека ќе постапат по закон. Тој одби да коментира дали се согласува со одлуката на шефицата Катица Јанева, која од притвор испрати согласност републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески да ги преземе предметите на СЈО.

„Ние ќе си постапиме како што налага законот. Моментално можам само да честитам празник на сите граѓани на Република Северна Македонија и ништо друго. Немаме право да кажеме дали се согласуваме или не, Специјалното јавно обвинителство го претставува еден човек“,

вели Бубевски.

На новинарско прашање дали со новонастанатата ситуација значи дека Бубевски не успеа да ги изведе на рочиште „бомбите“ за случајот „Монструм“, кој тој го застапува на суд, обвинителот тврди дека сите разговори ќе се слушнат во судница.

„Бомбите во сите предмети ќе се слушаат и ќе се изведат како докази“,

рече Бубевски.

Освен него, на прославата за Денот на независнота присуствуваа и обвинителките од СЈО Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи. Тие кажаа дека добиле покана од Владата, како претставници на СЈО, но за новонастанатата ситуација не сакаа да коментираат. Ристоска и Фетаи велат „денеска славиме, од вторник за СЈО“.

Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи – обвинителки од Специјалното јавно обвинителство

Како што вчера објави „360 степени“, во државното јавно обвинителство, преку судија на претходна постапка, пристигнало уште едно писмо од Катица Јанева со кое специјалната обвинителка лично дава писмена согласност за редовното обвинителство да може да гони по предметите на СЈО. Со тоа се расчистени процедуралните дилеми во врска со предавањето и преземањето на случаите на специјалното обвинителство што се појавија во СЈО и во ЈОРСМ по првите дописи на Јанева, со кои ги овласти обвинителите-помошници да ги предадат случаите.

Информацијата за новиот пристигнат допис од специјалната обвинителка за „360 Степени“ ја потврди државниот обвинител Љубомир Јовески.

Please follow and like us:

You May Also Like