Новото џебно вето на Иванов пак ги подели власта и опозицијата

Релацијата меѓу претседателот на државата, Ѓорге Иванов, и законите што ги носи Собранието влегува во нова епизода на таканаречено „џебно вето“. Претседателот Иванов врати на повторно гласање во Собранието веќе изгласани 11 закони, одбивајќи да го стави својот потпис на указите на кои е наведено новото име на државата – Република Северна Македонија. Во образложението од кабинетот на претседателот, со кое се вратени законите во Собранието, се наведува дека указите не ги потпишал бидејќи во извршувањето на функцијата секогаш постапувал во согласност со дадената свечена изјава дека ќе го штити Уставот и ќе ги брани интересите на Република Македонија.

Меѓу 11-те вратени закони без претседателски потпис на указите се: Законот за изменување на Законот за ОТА, Законот за ратификација на спогодбата меѓу македонската и Владата на Романија за соработка во областа на образованието, Законот за дополнување на Законот за служба во армијата, потоа измени на Законот за едношалтерски систем и трговски регистар, измени на Законот за електронски комуникации и дополнение на Законот за давање под закуп деловни згради и простории и други. Реакциите од страна на власта за овој чин на непотпишување на указите на 11-те закони од страна на претседателот на државата се дека со тоа им се наштетува на реформските процеси неопходни да се завршат за добивање датум за почеток на преговори со ЕУ.

Политичките аналитичари сметаат дека оваа епизода во односите меѓу претседателот на државата и Собранието е продолжение на практиката од ситуацијата со т.н. џебно вето на Законот за употреба на јазиците и непотпишувањето на указот за ратификација на Преспанскиот договор.

Два месеца пред истекот на мандатот на претседателот Иванов, се поставува прашањето дали ваквиот спротивставен однос меѓу двете највисоки државни институции (претседател на државата и Собранието) може да се одрази во функционирањето на државата, но и за нејзините проектирани перспективи.
– Не сметам дека некако драматично може функционално да се одрази последново „натегање“ околу потпишувањето на указите на законите изгласани во Собранието. Очигледно е дека веќе е воспоставена практиката законите да може да ги потпише само претседателот на Собранието и тие да бидат објавени во „Службен весник“. Повеќе од јасно е дека Собранието ќе ја продолжи таквата практика.

Непотпишувањето на овие закони од страна на претседателот Иванов, сега веќе за него е прашање од етичка природа: дали функцијата што ја извршува докрај ќе ја спроведува доследно и принципиелно. Сепак, мислам дека Иванов веќе ја покажа својата непринципиелност во процесот на имплементација на Преспанскиот договор во Уставот, потпишувајќи го Законот за амнестија, кој овозможи формирање двотретинско мнозинство за изгласување на договорот со кој се смени името на Република Македонија. И сегашниот став со одбивањето да стави потпис на указите за закони под „логото“ на Северна Македонија, сепак, е само продолжување на еднаш манифестираната непринципиелност – вели професорот Јове Кекеновски.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Влатко Ѓорчев смета дека претседателот Иванов има право на таква постапка во врска со непотпишувањето на 11-те закони.

– Иванов со постапките што ги презема ги претставува граѓаните на Република Македонија. Тој беше избран за претседател на Република Македонија. Претседателот се заколнал пред Уставот на Република Македонија. Иванов одбра да не ги потпишува законите, повелете гласајте ги вторпат да видиме дали претседателот ќе ги потпише. Она што го прави Иванов е во согласност со законите и со Уставот – вели Ѓорчев.
Од друга страна, Бујар Османи, министерот за евроинтеграции, ваквиот став на претседателот на државата го смета за „деструктивна политика“.

– Фактот што Иванов продолжува со деструктивната политика во случајот е уште еден мотив повеќе зошто сега треба максимално да се ангажираме и да го направиме вистинскиот избор на претстојните претседателски избори и да не оставиме ниту теоретска шанса да ни се повтори тоа што го имавме во изминатите 10 години. Секој обид за неуставно наметнување претседателски систем е казниво дел – порачува Бујар Османи.

Please follow and like us:

You May Also Like